Османи: Папата секогаш е добредојден во родниот град на Мајка Тереза


Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со скопскиот бискуп и предводник на Римокатоличката црква во Република Северна Македонија, Киро Стојанов, а во пресрет на посетата на земјава на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциско.

„Вистинска чест е што папата Франциско ќе ја посети Северна Македонија, како симбол на нашата општествена и цивилизациска ориентација кон Европа и западните вредности. Особено задоволство е што Папата ќе го посети Скопје, родниот град на Мајка Тереза, како признание за нашиот придонес во светската хуманоста, солидарноста и добрината“ истакна Османи на средбата, посочувајќи на традиционално добрите релации меѓу различните религиски заедници во Република Северна Македонија, вклучувајќи ја тука и римокатоличката религиска заедница.

На средбата беа разменети информации за начинот на кој ќе се организира средбата, при што Вицепремиерот Османи изрази уверување дека Владата ќе обезбеди соодветен третман и сета логистичка поддршка за успешно организирање на посетата. „Оваа посета, покрај значењето за претставниците на римокатоличката заедница, е од особено значење и за целата држава и Владата со своите активности ќе одговори соодветно на нивото потребно за организирање на оваа посета“, истакна Османи.
На средбата беа отворени и прашањата за соработката на религиските заедници во Република Северна Македонија и претставниците на државата, како и односите меѓу самите религиски заедници и нивната меѓусебна соработка, при што соговорниците упатија на дијалог меѓу заедниците и државата со цел изградба на функционално мултиконфесионално општество.