Османи: Македонија и Косово делат иста евроатлантска ориентација


Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска беше домаќин на првиот Заеднички комитет за европски интеграции меѓу Република Македонија и Република Косово.

Косово беше претставено од претставници од Министерството за европски интеграции, предводени од министерот за европски интеграции, Дурата Хоџа, а од македонска страна покрај Османи беа присутни и претставници на Секретаријатот за европски прашања и на Министерството за надворешни работи.

Состанокот се одржа во рамките на Спогодбата за соработка за прашања од областа на европската интеграција, потпишана помеѓу Секретаријатот за европски прашања и Министерството за европска интеграција на Република Косово.

Пред почетокот на состанокот во просториите на Секретаријатот за европски прашања, се одржа прес-конференција на која се обратија двајцата министри за европски прашања.

Вицепремиерот Османи изрази задоволство од одржувањето на овој прв состанок на заедничкиот Комитет за европски интеграции меѓу Република Македонија и Република Косови, кое, како работно меѓудржавно тело, ќе ја одигра главната улога за размена на стекнати знаења, унапредувањето на меѓуграничната и регионалната соработка, размената на искуства, но и размена на идеи и предлози во насока на евроатлантските аспирации на двете земји.

Покрај придобивките од размената на меѓусебни искуства, на состанокот беа отворени и темите за досегашните активности во рамките на регионална соработка, особено во контекст на регионалната соработка во рамките на ЕУ фондовите како и за заедничките проекти во рамките на Берлинскиот процес.

– Покрај блиските билатерални односи, Македонија и Косово имаат иста евроатлантска ориентација, од што произлегуваат и заеднички регионални но и европски предизвици. Двете земји се мали земји, без излез на море, чии напредок зависи од успешната регионална соработка, но и интеграција во големите системи како што се ЕУ и НАТО, истакна Османи.