Ослободителна пресуда за судиите од „прекршоци“


Судечки совет на Основниот суд во Битола донесе денеска пресуда со која судиите и стручните соработници од Одделението за прекршоци на скопскиот Кривичен суд, кои беа обвинети во предметот „Јустиција“, се ослободуваат од вина.

Судечкиот совет објави дека се одбива дел од од пресудата, со оглед на тоа што се работи за предмети од 2010 и 2011 година и тука има апсолутна застареност, но дека во другиот дел таа е ослободителна за сите 13 обвинети. Со изрекувањето на првостепената пресуда, барем делумно се става крај на обвинувањата дека судии и нивни стручни помошници ги злоупотребиле своите службени позиции, а со нивното работење го оштетиле државниот буџет за 1.308.515 евра, јавува правосудство.мк.

„Сега кога се докажа дека судиите работеле совесно и спротивно на она што пред неколку години го тврдеа тогашната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска и тогашниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, па и сегашниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, но и Јавниот обвинител, Јове Цветановски, се поставува прашање: Кој сега треба да биде повикан на одговорност и кој ќе ја надомести штетата што беше предизвикана токму од нивниото лошо работење, вели скопскиот адвокат Звонко Давидовиќ.