Општина Струмица: Доколку имало нешто што се коси со законот, институциите на ВМРО-ДПМНЕ ќе реагирале
Општина Струмица ги демантира, како што наведува, инсинуациите за наводен судир на интереси, пласирани во јавноста преку денешната прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Вистината вели дека Општина Струмица, по пат на електронско јавно наддавање, изврши продажба на споменатото градежно земјиште, а истото го купи физичкото лице Сашко Брндевски, за кое согласно Законот за градење, доби и одобрение за градба. Подоцнежната промена на инвеститорот е направена врз основа на Договор за отстапување на право на градење, а на Решението за промена на инвестор не стои потписот на Зоран Заев. Тоа значи дека не постои никаков судир на интереси, како што обвинува господинот Мицковски“, се наведува во општинското соопштение.
„Очигледно е дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прави залуден обид да ја дискредитира Општина Струмица и да го наруши угледот на поранешниот градоначалник, а сега претседател на Владата на Република Македонија, Зоран Заев. Дека се е согласно законот, зборува фактот дека споменатата продажба на градежно земјиште се случила во време кога на власт била ВМРО ДПМНЕ, па доколку имало нешто кое се коси со Законот, нивните институции сигурно ќе реагирале, особено кога се работи за Општина Струмица и Зоран Заев. Општина Струмица е секогаш отворена и транспарентна и стои на располагање на сите институции и на целокупната јавност, за какви било информации од делокругот на своето работење“, велат од Општина Струмица.