Опседнатост со мобилните – светот го „тресе“ номофобија


Опседнати сте со тоа телефонот да ви е постојано во рака? Се плашите ако го заборавите дома? Не можете да замислите минута без него? Науката докажа – вие сте еден од две третини од светското население кое пати од номофобија.
Номофобијата првпат е идентификувана во 2008 година, а бројот на оние што од неа страдаат секој ден е сè поголем. Тоа е една од повеќе од 250 познати фобии кои најчесто се резултат од некое лично драматично искуство. Името доаѓа од фразата no mobile, а болеста се шири како епидемија низ цел свет. Научниците утврдиле дека во изминатите четири години бројот на номофобичарите е зголемен од 53 на 66 отсто.

Панични симптоми
Познато е дека фобиите предизвикуваат дури и телесни реакции. Истото се однесува и на зависноста од мобилен телефон.
Луѓето што патат од номофобија покажуваат физички и психички симптоми кога телефонот не е до нив, или ако помислат дека поради празна батерија може да им се изгаси. Почнуваат да им се тресат рацете, им се врти во глава и тешко дишат.
Во Велика Британија беше спроведена анкета која покажа дека дури 66 отсто од луѓето ги ужаснува помислата дека можат да останат без мобилен телефон. Исто така, 42 отсто од корисниците имаат по два или повеќе телефони „за секој случај“. Просечниот корисник 34 пати на ден проверува дали мобилниот му е при рака и дали работи. Анкетата покажа дека овој страв повеќе ги напаѓа жените отколку мажите, иако мажите се тие што имаат по два или повеќе телефони. Во истражувањето на компанијата „Секјур енвои“ учествувале илјада луѓе од разни возрасни групи, а резултатите покажале дека номофобијата е најраширена меѓу младите лица. Односно, од своите мобилни најтешко се разделуваат младите до 24 години. Ова нарушување е најретко кај лицата од 35 до 44 години.
Експертите веруваат дека стравот е оправдан бидејќи 58 проценти од луѓето во своите мобилни имаат контакти и податоци поврзани со работата.
Друго истражување од САД покажало дека 48 отсто од жените и 58 отсто од мажите признаваат дека чувствуваат стрес, напнатост, нервоза или блага паника кога им се празни батеријата, го забораваат телефонот или кога немаат сигнал.

Дали сте номофоб?
Една од причините за прекумерната употреба на мобилните телефони е зависноста од технологијата. Друга е опседнатоста со луѓето и настаните што се случуваат на социјалните мрежи. Освен тоа, луѓето што имале негативни искуства кога останале без мобилен телефон, исто така, можат да развијат номофобија.
Ако гледате во телефонот на секои две минути, очекувајќи порака и проверувајќи ги социјалните мрежи; ако погледот во телефонот е првата работа што ја правите кога ќе влезете во нов простор, (ресторан, кафуле) и веднаш гледате дали има штекер за полнач; ако добивате напад на нервоза кога батеријата ви е при крај или имате лош вифи-сигнал; ако спиете со телефонот до вас – да, за вас може да се каже дека сте на добар пат да станете номофоб. И тогаш, вдишете длабоко и размислете на кој начин можете да ја намалите прекумерната зависност од мобилниот телефон.
Доколку сакате да откриете дали и вие страдате од оваа фобија, прочитајте ги следните изјави и запишете колку се согласувате со нив на скала од 1 (воопшто не се согласувам) до 7 (целосно се согласувам). Колку е вашиот резултат повисок, толку е посилен овој страв во вас:

1. Би ми било непријатно доколку немам постојан пристап до информации преку мојот паметен телефон.

2. Би се нервирал/а доколку не можам да најдам информации на мојот паметен телефон во секое време.

3. Би бил/а нервозен/а доколку не добивам новости на мојот паметен телефон.

4. Би се нервирал/а доколку не можам да го користам мојот паметен телефон и сите негови способности во секое време.

5. Ме плаши трошењето на батеријата на мојот паметен телефон.

6. Ако ми снема кредит или го потрошам месечниот дозволен пристап кон интернетот, ќе почнам да паничам.

7. Ако немам сигнал или не сум поврзан/а со вифи, постојано ќе се обидувам да го сменам тоа.

8. Ако го немам мојот паметен телефон со мене, постојано ќе се плашам да не се изгубам некаде.

9. Ако не го проверам мојот паметен телефон некое време, веднаш ми доаѓа желба да го сторам тоа.

Ако го немам мојот паметен телефон со мене, јас…
1. Ќе се чувствувам анксиозно затоа што нема да можам да комуницирам со моето семејство и пријатели.

2. Ќе се чувствувам загрижено затоа што моите најблиски нема да можат да ме најдат.

3. Ќе се чувствувам нервозно затоа што нема да можам да добивам пораки и повици.

4. Ќе се чувствувам нервозно затоа што нема да знам доколку некој се обидел да ме добие.

5. Ќе се чувствувам непријатно бидејќи нема да бидам во тек со социјалните медиуми и мрежи.

6. Ќе се чувствувам чудно затоа што нема да знам што да правам.

Како да се справите со проблемот
Борбата со номофобијата е тешка бидејќи модерниот начин на живот е во директна врска со употребата на мобилните уреди. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да се ослободите од опсесивните стравови:

– Можете да ги напишете сите најважни броеви во именик и во итен случај, кога треба да се јавите на некому, можете да го повикате од друг телефон. Оваа едноставна мерка ќе ви помогне да не го загубите контактот со важните луѓе во вистинско време.

– Ослободете се од апликациите кои буквално прават постојано да го проверувате телефонот. Тогаш сигурно помалку ќе го земате в раце.

– Обидете се што помалку да го користите телефонот. Земајте го само кога ви е навистина потребен. Нема потреба постојано да ги проверувате социјалните мрежи, повици и мрежи, или да пребарувате по интернет.

– Заменете го телефонот со некој друг предмет. За да се разбудите, не го „навивајте“ алармот на телефонот, туку користете будилник. Јавувајте се од фиксен телефон, а интернет користете на вашиот компјутер.

– Можете цел ден да го поминете без мобилниот телефон, дури и цел еден викенд. Но прво известете ги вашите пријатели и роднини за вашето движење, така што нема да помислат дека ви се случило нешто. Ако ви е тешко да се одвоите од мобилниот телефон на толку долг период, почнете со најмалку неколку часа. Не заборавајте, пред десетина години луѓето одлично живееле без мобилните телефони.