Опозицијата на состанок


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес оствари средба со коалиционите партнери од коалицијата „За подобра Македонија“.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, случаите на политичките притисоци и реваншизам, како и размена на мислења околу актуелните теми врзани со предизвиците на надворешната политика, спорот за името, и евроатланските интеграции. На состанокот беше заклучено дека државата се движи во погрешен правец, и кон континуирано економско и политичко слабеење, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Евидентни се политичките притисоци кои ги прави актуелната власт, пресметката и реваншизмот кој се спроведува врз политичките неистомисленици. Во Македонија, во 21. век има лица кои се мета на политички прогон, и лица во притвор поради изразено мислење, и тоа е елементарен показател за недостатокот на демократски капацитет кај новата влада“, беше заклучено на средбата.

Беше посочено дека владата треба да се откаже од намерата да донесе неуставен и неприменлив закон за јазици, кој ги става и припадниците на другите заедници во подредена состојба, менувајќи го карактерот на државата.

„Се истакна дека во однос на спорот за името суштествено важно е владата која ги води разговорите да ги запази државните и националните интереси и да води грижа за заштита на македонскиот идентитет кој треба да остане непроменет“, соопштија од најголемата опозициска партија.