Одобрена екстрадицијата на Грујевски и на Бошковски, жалби на 140 страници


Советот на судии во Солун, денеска одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија.

Веднаш по објавувањето на пресудата, двајцата обвинети, поднеле жалба против одлуката на судот, за случајот да го разглед Врховниот суд во Атина. И соопштувањето на одлуката, исто како и сослушувањето беше зад затворени врати.

Двајцата поранешни началници, заедно со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и уште десет лица се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“.

Грујевски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун, а на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.

Врховниот суд во Атина ќе ја разгледува второстепената жалба. Според нивниот адвокат во Грција, жалбата за Горан Грујевски е на 75, а за и Никола Бошковски на 65 страници. Костас Хаѕијоану, говорејќи за солунскиот портал Вориа тврди дека не било изводливо Советот на судии за само ден и пол да ги види сите аргументи и целата документација на 17.000 страници.

„Ние веруваме во грчкото правосудство, но треба да истакнам дека конкретната одлука има повеќе особености, затоа и подоцна излеговме од судот. Поднесена е жалба за Горан Грујевски на 75 страници, а за Никола Бошковски жалбата е на 65 страници. Документацијата што ја доставивме е 17.000 страници. Регуларно, одлуката требаше да се соопшти два дена по последното рочиште. Овие 15 дена беа поради процедуралниот проблем, бидејќи немаше преведувач. Во рок од ден и пол, човечки не беше изводливо, Советот на судии да ги види сите наши аргументи. Ние веруваме во грчкото правосудство“, рече Хаѕијоану.