Одмор


ЛЕЈЛА САБИТ

Звучи скапо, ама разгалувањето на душата и на телото нема цена.

Им треба на млади, на стари, на вработени и невработени, на здрави и болни, на уморни, на одморени, на пушачи и непушачи, на богати и на тие што штедат, на сеирџии и тие што тераат ќеф, на тие што молчат, на тие што се фалат, на тие што озборуваат, на тие што им е  гајле, на тие што им е важна јавноста, на тие што ја ценат приватноста, на тие што не можат без мобилка и на тие што ја исклучуваат мобилката.

Во странство, во Македонија, со семејството или со пријателите, без да знае никој, или сите ќе ве дознаат ако се фотографирате со Лила.

Одморот ве открива дале сте активни или пасивни, дали вежбате или се шетате на чист воздух, дали пиете освежителен пијалок, или нешто пожестоко, дали спиете по цел ден, или го фаќате раното утро кога живо пиле нема, дали сте спортски облечени или по последна мода.

За некого одморот е пливање, за некого масажа, за некого шетање по бањарка,  за некого поглед во планините, за некого поглед кон храбрите и неустрашивите, тој што нема- поглед кон тој што има, тој што има-поглед кон тоа што изгубил во трчањето по пари.

Одмор на некој начин, е бегство од дома и од работата, од здодевноста и од навиките, од свои и туѓи проблеми, од своја и туѓа политика, место кај што можеш да бидеш ти, со сите свои мани и доблести, со фит или несовршено тело, те загледуваат ако си во топ-форма, ама никој не ти забележува ако имаш вишок килограми, целулит или брчки.

Одморот ве зближува како семејство, ви открива кои ви се пријатели, знае да ве спои со дамнешни пријатели, ама да сретнете и ваши непријатели.

Некогаш на одмор, бегате од познати и јавни личности, а ги среќавате токму нив.Или, мислите дека сте во странство, а насекаде слушате муабети на македонски јазик.

Тоа е всушност тоа европско семејство за кое се залагаме со децении, не ни успева во политиката, ама ни успева во животот. Наводно, некој бега од Европа, а се фали со патувања од Европа или се слика со европски државници за спомен.