Одиме напред или се вртиме во круг


Ерол Ризаов

Денес, кога го држите во раце овој број на „Независен весник“, изминува точно една година од вонредните парламентарни избори кои изнедрија промена на власта по 11 години автократски систем кој одбележа цела ера на корумпиран режим и страховлада со катастрофални последици и трагично заостанување во сите сфери на општествениот развој. Заминувањето на Никола Груевски по цели 20 години откако е во политиката и поарчената една година на новата власт се добар повод да се оцени новиот почеток на државата. Се остваруваат ли големите надежи или на повидок е уште едно разочарување во долгата и мачна македонска транзиција?

Одиме ли напред и во правилна насока или се вртиме во круг.
Најкусиот одговор на овие прашања може да гласи: споредбата е непристојна, промените кон подобро се големи и значајни, но уште се под очекувањата. Заминувањето на Груевски е триумф на демократијата, голем чин, но можеби уште позначајна ќе биде политиката на неговиот наследник и подготвеноста за деконтаминација и дерадикализација на ВМРО-ДПМНЕ.

Новата власт, остава општ впечаток, многу време и енергија троши на тоа што било, наместо на тоа што ќе биде. Не велам да се заборават злоделата, тие не смеат да се амнестираат во никој случај. Но време е злоупотребите на претходниците да се препуштат целосно на институциите на системот, кои ослободени од притисоци ќе ги процесираат непристрасно, според законите, а новата власт да внимава да не ги повторува истите грешки. Окото на јавноста и на медиумите е многу поизострено, а станува надежна високата чувствителност на злоупотребите на власта и особено на брзата расипливост и корумпираност, што навестува дека во Македонија веќе е формирана пристојна критичка маса која силно ќе реагира на секоја пречекорување на овластувањата и посегање по парите на граѓаните.

Највлијателните македонски медиуми и новинарски пера, кои одиграа значајна улога во уривањето на режимот на Никола Груевски и неговите најблиски соработници, ја продолжуваат својата професионална работа со несмалена жестина во жигосување на грешките, што секако создава клима за ефикасна превентива која ако правилно биде разбрана може многу да помогне да се воспостави и поодговорно и пообјективно новинарство потпрено на факти и податоци кои ќе бидат лесно достапни. Власта дојдена на крилата на незадоволството, револтот, слободољубието и меѓународната поддршка по крвавата драма на 27 април во Собранието на Македонија во секоја можност нагласува дека само шест месеци ги остварува своите уставни надлежности и одговорности и најверојатно во недостиг на самодоверба сака да потенцира дека за кратко време направени се историски исчекори. Без разлика на тоа што е неспорен факт дека претходната власт го попречуваше избраното мнозинство на веродостојни избори да го конституира парламентот и владата, сепак, гледано календарски на нејзино конто се есапи една година владеење.

Владата е веќе опомената и свесна за факторот време. Нема на располагање ни 11, ни осум, ни четири години да покаже резултати. Оваа нова 2018 година која тропа на вратата треба да биде клучна година. Тоа е година на големите решенија и одлуки. Се пропушти ли таа, отиде атот, ќе остане само седлото.

Дали е направено малку или многу веќе научивме искуствено, постојат повеќе аршини. Еден пропаганден и популистички кој 24/7 трубеше само за успеси и светски достигања. Втор, доктрината на завери на големите сили и домашните непријатели и предавници кои сакаат да ја уништат Македонија. Трет, фантастична олимписка дисциплина која извонредно функционира на Балканот кога за сите неуспеси и грешки има одлични оправдувања. Секогаш се виновни други. Во една ваква наезда на големи лаги и заблуди ја заборавивме вистинската мера за успешност на една влада и власт. Таа се состои од решенија. Значи, нема оправдувања, туку решенија. Вистинскиот аршин со кој треба да се мери и оваа, како и секоја власт, е подобар и посреќен живот на граѓаните. Најточниот кантар, баждарен во Брисел, треба да ја измери брзината на движење кон Европа, а членството во ЕУ и во НАТО се најголемата стратегиска цел на државата која ги разрешува сите други прашања од стабилноста и безбедноста до поквалитетен живот.