Одбележани 70 години од првата стихозбирка на Конески и 25 години од неговата смрт
Научен собир по повод 70-годишнината од објавувањето на првата стихозбирка на Блаже Конески „Земјата и љубовта“ и 25 години од неговата смрт се одржа денеска во Институтот за македонска литература во Скопје.
Директорката на Институтот, Маја Јакимовска-Тошиќ во обраќањето рече дека Конески и дал јазик/јазичен израз на својата епоха, што се совпаѓа во неговиот животен ангажман. Посочи дека песните на Конески упатуваат на сознанието и чувството за единството на поезијата со животот, што е основа на неговото поетско послание, што го одликуваат длабочина, лиричност, интима, исповедност, мисловност.
– Конески со севкупното свое творештво е носител на македонската сушност и бит во различни контексти, кои се артикулираат низ неговиот став на поет, научник и есеист, а кои се совпаѓаат со примордијалната улога на неговото видување не само на сложени научни експертизи во однос на јазичните и книжевните толкувања, туку и на видувања сврзани за секојдневниот живот и опстојба, на едно немирно време кое вечно трае и кои наоѓаат интимен споределн израз во неговата поезија, додаде Јакимовска-Тошиќ.
Професор Лорета Георгиевска – Јаковлева од Институтот истакна дека на собирот се презентираат нови сознанија кои го ставаат Конески во актуелниот миг, што е она што 25 години по неговата смрт и денеска ги провоцира, ги предизвикува и љубителите на убавиот збор, лингвистите и сите кои се занимаваат со културата.
На собирот присуствуваа професори од Филолошкиот и Филозофскиот факултет од Скопје и од Институтот.