Бејли возеше трактор
На прославата на стогодишниот јубилеј од производството на првиот трактор „Џон Дир“, американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, се качи во него и малку се провози низ ораницата во битолско.Toj беше заедно со претставници на американската компанија за производство на трактори „Џон Дир“, битолската компанија „Синпекс“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“-Битола.
– Компаниите „Џон Дир“, „Синпекс“-Битола и ЗК„Пелагонија“-Битола како лидери во своите области можат да претстават новини кои би можеле да го водат земјоделството напред посебно во делот земјоделската механизација во Македонија, истакна Синиша Петровиќ, генерален менаџер на „Синпекс“-Битола.
Првиот трактор „Џон Дир“ е произведен во 1918 година, а бил конструиран седум години од Џон Дир, кој тракторот го именувал со своето име.
Гостин на прославата беше и амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли кој пред присутните гости рече дека македонското земјоделство заслужува висока репутација.
– Земјоделието го гледаме како интересен сектор за вложување во Република Македонија. За инвеститорите Македонија е интересна за вложување во високата технологија и рударство, но и за земјоделство, и во таа смисла особено е важно присуството на американските компании во македонското стопанство, нагласи амбасадорот Бејли.