Објавен прв том од избраните дела на Стојан Андов


„Матица македонска“ ја објави книгата „На мој начин“ од Стојан Андов, со која е најавено издавање колекција од десет тома од познатиот македонски политичар, публицист и писател, прв претседател на Собранието на Република Македонија.

Главниот уредник Раде Силјан истакнува дека на страниците од ова дело авторот на показ изнесува непознати детали за настани и личности поврзани со транзициските процеси во нашата држава. Неговиот начин на кажување е едноставен и непосреден, со што читателите препознаваат хроничар со творечка дарба.

– Во делото на Стојан Андов дефилираат херои и антихерои, политички фигури од формат и колебливци, душегрижници и парадери, луѓе со визии, но и луѓе натрапници во политичкиот живот на нашата татковина. Сите нив авторот ги претставува со име и со презиме, со што остава простор за нови видувања и полемики, кои можат да бидат убав прилог во расветлувањето на мноштво настани тесно сврзани со осамостојувањето на Република Македонија, констатира Силјан.

Стојан Андов (Кавадарци,1935) е меѓу највлијателните личности на поновата македонска политичка и општествена сцена. По завршувањето на својата богата и плодна политичка кариера, во последните две децени е посветен на пишувањето мемоарска литература и на белетристика. Автор е на книгите:„На мој начин“, „Источни патувања“, „Од мој агол“, „Стравот и љубовта“, „Кицо Американецот“, „Враќањето на Американецот“, „Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија“, „Приказната на Марија“, „Драматичната 1991 година“, „1992 – година на опасни ризици“ и „Успеси и заговори – 1993 година“.