Објавена новата поетска книга „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска
Деновиве излезе од печат најновата поетска книга на Сузана В. Спасовска, „Пеперутка од пепел“, како самостојно издание. Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура на РМ. „Пеперутка од пепел“ е петта стихозбирка на авторката.
Рецензентот на книгата Владимир Мартиновски истакнува дека поетското писмо на Спасовска е неразделно од митското, мистичното и сакралното и дека митопоетскиот супстрат се препознава не само во секоја песна, туку и во обликувањето на суптилно осмислените десет поетски циклуси.
„Всушност, во секој циклус има по неколку атнологиски стожерни песни кои ја откриваат митско-мистичната тематска оска кон која гравитираат и останатите песни“, пишува во рецензијата на Мартиновски.
„Во контекст на митско-книжевниот топос на метаморфозата, во најновата поетска книга на Сузана В. Спасовска нѐ дочекува една извонредна минијатура на оваа вечна тема: песната ’Преобразби‘ е елиптичен поетски рекапитулар на човековиот живот низ призма на врските со природните елементи. Оттука, пред нас е книга која не само што говори за преобразбата туку и врз неа се темели: далечните митски палимпсестни пластови и ’јагленски митски горива‘ во песните од ’Пеперутка од пепел‘ на Сузана В. Спасовска се претворени во раскошна збирка од поетски дијаманти“, вели во рецензијата проф. д-р Владимир Мартиновски.
Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила четири стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), а „Смртно писмо“ е објавена и како е-книга.
Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија „Пурпурни извори“, во издание на Струшките вечери на поезијата. Пишувала и објавувала книжевно-теориски текстови во периодиката. Работи како професионален лектор.
Пеперутка од пепел
Лета таа над вековите
блеска како чисто злато
ја споредуваат со рајска птица
но од неа само крилата
ги позајмила
божјиот ракопис врз нив е впишан
ретко кој знае да го прочита
посегне ли некој по неа
таа в пепел се престорува
чекајќи повторно некој крај огништето
за неа да почне да сонува