Обнова во опсада


Марија Павлеска

Опсадата на Сараево (1992-1995) траела 1.425 дена. Но токму во тие три и пол години Сараево успеа да ја изгради најавангардната театарска сцена во поранешна Југославија. Биле поставени дури 182 премиери на театарски претстави, а се одржале и 48 концерти, 170 изложби и биле изработени 3.102 уметнички дела.

Според статистиките од тој период, половина милион сараевчани присуствувале на изведбите на театарските претстави. Во книгата за впечатоци може да се најдат сведоштва на луѓе кои за да стигнат на претстава морале да се кријат од нишанот на снајперот. „Благодарам што не ми дадовте да полудам“, напишала една гледачка. Режисерот Дино Мустафиќ во предговорот на книгата „Театар во воено Сараево 1992-1995 – сведоштва“ на авторот Давор Диклиќ пишува: „Театарот ја победи смртта и варварската политика не само во бројките и одиграните премиери и репризи, туку и со исклучителната креативност“. Драмските реплики на космополитскиот репертоар одекнуваа на сараевските сцени во естетски промислени режисерски концепти, со јасна уметничка интенција да се разбере супстанцијата на животот која Сараево ја претставуваше тие години – „смеа и плач, мудрост и тага, човек и спознавање“. Креирањето на паралелна реалност ја чуваше душата на луѓето од Сараево да не се контаминира со омраза, да не падне во самосожалување и статус на жртва.

Кога денес сведочам на омраза и нечовечност, во живо и почесто на социјалните мрежи, не ги наоѓам за тоа виновни обичните луѓе. Одговорноста е кај другата страна – уметниците. Можеш да кажеш дека условите не се поволни, но тоа не треба да те спречи да работиш. За време на војна пекарката не престанува да меси и да пече леб, ниту кондураџијата да изработува и да поправа чевли. Точно, можеби се менува местото на работа. Во такви услови, подрумот станува работилница, салон, сцена. Во една книга повторно за Сараево „Роден двапати“ младиот американски фотограф ја пречекува својата девојка Италијанка, овој пат во разурнат град и прво што ѝ кажува е дека нема веќе свежо цвеќе во Сараево, за секунди подоцна да ѝ даде букет велејќи: „Затоа цвеќарката научи да изработува цвеќе од хартија“.

Она што на Македонија ѝ се случуваше од 2006/08 до 2016/17, не може да се споредува со овој вовед за случувањата во Сараево. На Македонија ѝ се случуваше, како што ние го нарекувавме – режим и културен геноцид, лудилото „Скопје 2014“ и ред други нешта. Но од денешна перспектива нам ни се случувале и, за жал, сè уште тапкаме во место од мрзливи и вечно незадоволни уметници.

Ако се затворале едни културни центри, во истиот момент требаше да се работи на отворање нови. Уште покритични, покреативни и поотворени. Наместо тоа, тука се кукаше за поставувањето на катанци и се правеа симболични плач-протести со диџеј, исто како што сега на таков начин се слави отворање на автобуска постојка во подрумот на ГТЦ која се отвора и се затвора побрзо од фирма пред државен тендер.

Последниот доказ за мрзливоста и неукоста (иако повеќе одговара ароганција и непочит), беше враќањето на буквите на Старата железничка станица. Идејата беше добра, но реализацијата, почнувајќи од фонтот, промената во интерпункцијата и материјалот употребен за изработка – воопшто не е далеку од она што со години го критикувавме. Сработено набрзина, со изгубена суштина и од пресуван стиропор.

„Суштината на вулгарноста“ – вели Антоан Витез, дури и онаа најлошата, на џелатот, е мрзеливоста, односно да сакаш „да живееш без да работиш и без да мислиш“.

Тој сој, на кој ниту му се работи ниту му се мисли, кај нас, всушност, е единствениот „згрижен“ под државна капа. И не само што не работат, туку најчесто се и кочница за оние кои и покрај сите тешкотии успеваат да работат и да создаваат дела.

Актерот Бата Живоиновиќ, кој се смета за еден од најдобрите и најангажираните во Југославија, во едно интервју вели дека на вратата на Здружението на филмски актери на Југославија напишал: „Ако не мислиш дека си најдобар, немој да влегуваш“.

Фантастично би било кога луѓето би ја имале таа свест и навистина би се нафаќале да ги работат само оние работи за кои го имаат потребното искуство и знаење, но и страст, желба и ентузијазам да се посветат на креирање позитивни промени.

Минатиот месец режисерот Александар Поповски си даде оставка од местото претседател на управниот одбор на МНТ. Во своето излагање Поповски посочи дека за една година не се распишал ниту конкурс за нов директор. Најголемата театарска куќа во Македонија на еден месец пред новата сезона е без визија, без никаква репертоарска политика, со голем број внатрешни несогласувања и долг кој допрва ќе го истражуваат Финансиската и Трудовата инспекција.

Но од цел тој прес највпечатливо беше, бидејќи не е вест дека МНТ не функционира како што треба, тоа дека остатокот од одборот се изјаснил дека ќе се бори по институционален пат. Ако претседателот дава оставка бидејќи „надлежните институции не се произнесуваат и не реагираат на појавите што се причина за неговото повлекување“, како тогаш останатите членови се надеваат на магичното стапче за решавање (читај трупање) проблеми на Министерството за култура.

Од управната дружина на МНТ, двајца од постарите и поискусни членови на тимот беа исклучително активни периодов на два театарски фестивала (во Прилеп и Кочани), а еден од членовите одлучуваше и за проектите од драмска дејност на Годишната програма на Министерството за култура. Меѓутоа, токму оваа година, по четири фестивалски години, првпат не се одржа меѓународниот фестивал на МНТ – наречен „МНТ фест“. За оваа година од Министерството за култура за овој фестивал беа одобрени 2,4 милиони денари или 39 илјади евра.

Сепак, во МНТ се случија три гостувања. Две во организација/соработка на МНТ со ЈДП – Југословенско драмско позориште од Белград и Народно позориште, исто така од Белград. Од ЈДП гостуваше претставата „Ајнштајнови соништа“ во режија на Слободан Унковски, а другата „Царство небеско – епика балканика“ во режија на Јернеј Лоренци, режисер од Словенија. Третото гостување во склоп на „Скопско лето“ беше претставата „Ричард трети“ во режија на Александар Поповски, а во изведба на театарот „Гавела“ од Загреб.

Дури и да прогледаме низ прсти за тоа кој и како одлучува за кои претстави да се поканат на расцепканите гостувања, цените по кои се продаваат билетите се далеку повисоки од регуларните цени. Штом еден фестивал е финансиран од буџетот на државата, цените на билетите треба да се оформат за токму жителите на таа држава/град да бидат во можност да си дозволат да ги посетат тие гостувања.

За претставата „Ајнштајнови соништа“ на Унковски во Белград најскапата карта (партер) изнесува 625 денари, балкон – 364, ложа- 104 ден (според цените на интернет-страницата на театарот) додека за гостувањето во Скопје билетите започнуваа од 600 и одеа до 1.000 денари.

Тука некои советници би прокоментирале во стилот па колку се картите за турбофолк концертите и како народот за нив има пари да плати билет и дека порадо ги избира од останата понуда. И тука повторно ќе згрешат. Една исклучителна млада глумица од Србија на ова еднаш кажа „Кога си ја дозволуваме себеси дрскоста да кажеме дека публиката ни е необразована, тоа значи дека ние не сме ја образувале. Дека не сме ѝ нуделе. Значи дека сме ја потценувале претпоставувајќи дека е способна за малку или мислејќи дека за многу не е способна.“

Ние имаме млади театарџии и не само театарџии туку најразлични профили на млади уметници кои едвај наоѓаат начини да ги реализираат своите претстави, концерти, изложби и направи сам фестивали. Но, кога нив им затвораат врати пред нос и тоа на факултети не дозволувајќи простор за проби и културни центри кои би им излегле во пресрет да не се пребукирани со комерцијални настани за тоа не се чита по весници.

Ако Министерството за култура некогаш реши да постави или барем консултира луѓе кои не бараат изговори, туку начини да создадат нешто, нека отвори некоја од апликациите што не биле ни разгледани од „компетентните“ комисии на изминатите конкурси. Всушност, сè е веќе напишано, кажано и сигурно некаде постои – ама нема кој да прочита. Сè уште.

Бил Гејтс за периодот од 2001 до 2018 низ интервјуа и разговори со новинари препорачал 195 книги. Одамна се мислам, ама никако да прашам, Вие премиере, шу читате?