НСП апелира до МВР да донесе решенија за вработување на полициските приправници


Независниот Синдикат на полицијата (НСП) денеска побара од Министерството за внатрешни работи (МВР) итно да донесе решенија за вработување на полициските приправници, кои, како што посочуваат оттаму, три месеци по положувањето на приправничкиот испит се уште извршуваат приправнички работи.

– Да напоменеме дека со неносењето на решенијата, на секој приправник му се нанесува штета по околу 10.000 – 15.000 денари месечно, нагласи претседателот на комисијата за приправници Мартин Ефремов.

Тој истакна дека станува пракса да не се почитува законски одредениот период за обавување на приправнички стаж од шест месеци, што е пропишан со Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР и полициските приправници  да обавуваат приправнички стаж и по 14 месеци пред добивање решенија.

– Бараме од МВР веднаш да донесе решенија за оваа категорија на вработени и да најде начин да ги обештети по основ разлика на плати и придонеси во периодот од положувањето на приправничкиот испит, до донесувањето на решение за вработување на неопределено време, апелираше Ефремов.

Тој потенцираше, дека освен решенијата, таа категорија на вработени уште од самиот почеток е оставена без никаква полициска униформа.

– Овој проблем се случува со последната класа од 603 примени полицајци и истото се случуваше со претходната класа од 400 полицајци. Бараме од МВР и од министерот сериозно да се заложи за решавање на проблемите на овие вработени и да размисли, кој свесно ја убива желбата за работа на младиот полицаец од самиот почеток на неговата кариера, изјави Ефремов.

Тој посочи дека веќе еднаш е поднесен предлог до МВР за обесштетување на претходната класа полицајци, за надомест на штета на повеќе рати, но за предлогот не е добиен повратен одговор.

Тој наведе дека во Скопје, бидејќи фалат полициски службеници се носат на испомош полицајци од внатрешноста, а во градот има полициски службеници со положен приправнички испит, за кои, поради нејасни причини, не се донесуваат решенија.

– Се надеваме дека министерот за внатрешни работи позитивно ќе одговори на нашите барања, заклучи Ефремов.