Ношпал за „Независен“ : Тамара ќе биде едноставна на Евросонг во Тел Авив
Македонскиот дизајнер Александар Ношпал (46) ќе биде задолжен за стајлингот на Тамара за настапот во полуфиналето на Евросонг на 16 мај во Тел Авив, Израел, дознава ексклузивно „Независен весник“. Заедно со тимот од Шведска, кој работи на настапот, се осмислува и гардеробата на Тамара.
Со 27 години дизајнерски стаж зад себе и импресивна биографија дома и во странство, Ношпал по четврти пат ќе се погрижи за изгледот на нашиот претставник на најпрестижниот музички настан во Европа. Во 2000 година ги стилизираше „XXL“, во 2002 Каролина Гочева, во 2004 – Тоше и годинава Тамара.
Дизајнерот, кој моментно е во Сплит, каде што е ангажиран за костимографија на балетот „Копелија“ во Хрватско народно казалиште, ни откри детали за изгледот на Тодевска. Вели, ќе биде уникатна, а стајлингот ќе ја изненади јавноста.
– Не одам на Евросонг за да се докажувам или покажувам. Одам единствено заради Тамара со која сум заедно растен и со која сум емотивно врзан. Имаме одлична песна и одличен вокал. Уште е рано да го откривам изгледот на нашата ѕвезда, ама ќе биде едноставна и прочистена во стилот.
Од моето евровизиско искуство, за квалитетен настап не се пресудни парите, туку добра соработка меѓу оние што се задолжени за тоа. Евросонг е настан од сериозен карактер кој така и треба да се разбере. Настапот на секоја земја може да се каже дека е вид театарска претстава, па оттука и облеката е резултат на добар концепт – ни изјави ексклузивно Ношпал.
Добриот пласман на евровизискиот натпревар зависи од песната, вокалот, гардеробата, кореографијата, сценографијата и, секако, лобирањата. Националниот ТВ-сервис на секоја земја учесничка е полноправна членка на европската радиодифузна унија и ги има ексклузивните права за избор на претставник, но и права и обврски кои треба да ги исполни. Меѓу членовите од правилата за национален избор за Евросонг стои дека националниот сервис нема обврска да ги покрие трошоците за изгледот на претставникот, но има право да сугерира и да даде насоки како треба и со кого да се соработува.
Облеката со која ги испраќаме нашите пејачи низ годините, почнувајќи од 1998 година со настапот на Владо Јаневски, имаше осцилации, од драматични па сè до лежерни моменти, претставникот на Македонија во најголемиот број случаи зад себе имаше продукција која одлучува кој моден бренд ќе го рекламира нивниот ексклузивец. Во други од случаите, националната телевизија го избираше креаторот или, пак, пејачите беа децидни во изборот на познат светски бренд.
Кој е Александар Ношпал?
Александар Ношпал е бренд на модната сцена кај нас. Своето високо образование го стекнува во престижната француска академија ЕСМОД во Париз, каде што се стекнува со диплома за моден дизајнер/моделист, освојувајќи ја првата награда на големото стручно жири во чиј состав се познатите Пако Рабан и Жан Шарл де Кастелбажак. Постдипломските студии по менаџмент и маркетинг во модата ги завршува на Универзитетот за креативни уметности во Лондон како стипендист на Чивенинг на британската влада. За време на неговата кариера, има работено за многубројни фирми и клиенти во областа на модата (Модната куќа Гре во Париз, Ателје Метисаж, Фредерик Моленак, Тетекс, Систина, Кара итн.); потпомогнал со својата дизајнерска работа на многу добротворни кампањи, работел како професор од областа на модниот дизајн и костимофграфијата во земјата и надвор (Црна Гора) и е потписник на стајлингот на најголемите музички и актерски ѕвезди во Македонија…
Со костимографија и сценографија се занимава од 1998 година кога дебитира со претставата „Убавицата и ѕверот“ во Театарот за деца и младинци, за која освојува неколку интернационални награди. Автор е на над 50 костимографски дела на драми, балети и опери кои се играат на најголемите македонски национални театарски институции (МОБ, МНТ, Театар за деца и младинци, Драмски театар Скопје, Театар комедија) како и неколку познати национални институции во странство (ХНК Загреб, ХНК Ријека, ХНК Сплит, Градско позориште Подгорица итн.) Соработувал со еминентни имиња во областа на театарот, како што се Милко Шпаремблек, Владимир Логунов, Слободан Унковски, Димитар Станковски, Димитрие Османли, Роналд Савковиќ, Лео Мујиќ, Хуго Виера, Џејмс Амар, Наташа Поплавска и др.
Добитник е и носител на повеќе интернационални и домашни гран при награди во областа на костимографијата. Дизајнер е на новата гардиска униформа на Армијата на Република Македонија, како и на новата службена и оперативна униформа на Царината на Република Македонија.
Со својата перфекционистичка креативност помалку го има на модните писти, а повеќе во театарските куќи.
– Како дизајнер, и во Македонија и во светските метрополи бев дел од еден многу убав период: време кога дизајнерите го имаа приматот во раце, крајот на големите мајстори и појава на младите гении во модата. Париз сè уште беше градот на високата мода, а со неа управуваа француските куќи…. Времето на топ моделите….. Времето кога сè уште модата ја учевме како занает а не како факултет…..
А сега е време на театарот…. и сакам да ги искусам големите продукциски куќи во светот… и полека го остварувам тоа – вели за „Независен весник“ Ношпал.
Лејла Сабит