Нови директори во културата: Мартин Вучиќ на „Танец“, Викторија Рангелова на Драмски театар


Министерството за култура назначи 22 директори на Национални установи кадешто досега имаше вршители на должност. Директорка на Македонскиот народен театар е потврдена Симона Угриновска која досега ја извршуваше функцијата вршител на должност, откако оставка си поднесе нејзиниот претходник Драган Спасов – Дац. На Драмски театар во Скопје за директорка е назначена Викторија Рангелова Петровска, а на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ е назначен Мартин Вучиќ.

Манифестацијата Струшки вечери на поезијата – Струга одсега ќе ја предводи Тодорче Тасевски, а на Охридско лето е назначена Наташа Поповиќ.

Виктор Илиевски кој досега беше в.д. на Македонската филхармонија сега добива директорски мандат во оваа институција.

Директорски позиции на Центри за култура добија Мира Георгиевска во Крива Паланка, Методи Толевски во Делчево, Александра Димитрова во Кочани, Артин Спахију во Дебар, Николина Велкоска Глигороска во Струга и Мазлам Османи во Кичево.

За директор на Музејот во Куманово е назначен Богдан Таневски, а за Музејот во Струга Денис Сефиданоски. На Заводот за заштита на спомениците и музеј во Штип е Митко Штерјов, а на сродната институција во Струмица назначен е Ацо Манински.

На Спомен куќата на Мајка Тереза на челната позиција е Нафие Селмани, а на археолошкиот локалитет Стоби е назначен Спасе Перовски. Нови директори добија и Универзитетските библиотеки во Битола и Тетово, односно мандатите им се доверени на Бојан Стефановски (Битола) и Имери Исмаили Њомза (Тетово).

Конзерваторскиот центар во Скопје ќе го предводи Коле Чапкановски, а за прв човек на конзерваторскиот центар во Гостивар е поставен Илбер Зулфиќари.
И.Н.