Новиот Клинички центар ќе се гради во Бардовци


Новиот Клинички центар ќе се гради во скопско Бардовци, објави министерот за здравство, Венко Филипче, на прес конференција во Владата.

Ваква одлука донела Владата, и по цена да плаќа пенали на Банката на Советот на Европа, кои би биле во висина од 5,5 милиони евра.

– Сметам дека сега тоа што ни изгледа како најскапа варијанта, на долг рок ќе биде вистинска инвестиција. Мислам дека има простор за разговори со менаџментот на банката. Но, јас сум убеден дека дури и да платиме пенали, ова е вистинското и најевтиното решение – рече Филипче.

Одлуката за дислокација, наведе министерот, е донесена по широки консултации со лекарите , архитектите и граѓаните.

Новата локација на Клинички центар би била многу блиску до сегашната Психијатриска болница. Таму веќе има пристапни патишта, а проектот предвидува да се пробие и нов пат. Во тоа ќе се вклучат Општина Карпош и Град Скопје. Покрај новиот Клинички центар, на новата локација се планирани и медицински факултет, истражувачки центар и кампус за сместување на студенти по медицина.

Изградбата би почнала по околу две години. Претходно ќе се работи на подготовка на теренот. Се очекува градежните работи да завршат по четири до пет години.

Се работи и на подобрување на сообраќајното решние во Клиничкиот центар каде што е сега. Со градот Скопје е изготвено решение за влез на возила, но и за проток на возилата. Ќе се обезбеди посебна лента за Брзата помош.

Филипче не кажа што ќе се случи со кредитот за изградба на клиничкиот центар од 72 милиони евра од Централната европска банка, за кој владата на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред формирање на новото парламентарно мнозинство потпиша договори компаниите „Гранит“, „Бетон“ и италијанската „ИНСО системи“ , кои требаше да бидат изведувачи.