Новиот канал кај Босфорот ќе чини над 14 милијарди евра
По изградбата на мостот „Султан Селим“ преку Босфорот, Турција подготвува нов мега проект – прокопување на вештачки канал кој ќе ги поврзе Црното и Мраморното Море.
Според дневниот весник „Сабах“, претседателот Реџеп Тајип Ердоган ја промовирал изградбата на каналот кој првпат го најави во 2011 година, а за кој се очекува да чини над 14 милијарди евра.
Предвидено е каналот да е долг 45,2 километри, а за неговата изградба ќе треба да се ископаат 1,5 милијарди кубни метри земја кои ќе се искористат за изградба на вештачки острови во Мраморно Море.
Босфорот е веќе тесен за интензивниот морски сообраќај од Црното Море, а особено се стравува од опасноста некој од бројните танкери со нафта да се судри со брод или да потоне во близина на турската метропола Истанбул. Поради тоа, идејата за изградба на дополнителен канал добива на значење.
Според проектот, заедно со изградбата на каналот би се изградиле и товарни пристаништа на двете мориња, како и марини за луксузни јахти. За патната и железничката инфраструктура ќе бидат изградени шест мостови над каналот, а уште шест природни мостови ќе овозможат непречено минување на животните.