Нова енергија за нови победи во новата ера на ВМРО-ДПМНЕ


 

Костадин Богданов

Помина повеќе од половина година откако јавно ја започнавме иницијативата за внатрепартиска реформа на ВМРО-ДПМНЕ која во основа имаше единствена цел, а тоа е да и помогнеме на нашата партијата, во која сме членови и активисти буквално од деца, да ја пронајде сопствената загубена идеологија и компас и повторно да се врати во рацете на членството. Целта беше да се разбуди свеста кај сите нашите сопартијци за итната потреба од замена на стегите на централизмот, елитизмот и авторитарноста во партијата, со една нова визија, визија за слобода и внатрепартиска демократија во која секој од активистите ќе биде славен за победите, а одговорен за поразите. Визија во која секој член ќе има шанса да биде лидер на локално или централно ниво. Визија која ќе ги обедини сите поранешни и сегашни членови и активисти на партијата повторно околу идеалите на историското ВМРО за градење на слободна, демократска и просперитетна држава. И конечно, визија која ќе и даде шанса на нашата партија одново да управува со државата и да биде владеачка партија.

За жал, во овој изминат период, наместо да навлезевме во суштинска внатрепартиска дебата околу предложените измени за демократизација на Статутот на партијата, кои пред шест месеци беа доставени до Централниот комитет на разгледување и произнесување, раководството го потроши времето и енергијата на внатрепартиски поделби, етикетирања и оцрнување на секој член кој го крена својот глас за посилно ВМРО ДПМНЕ и за посилна Македонија. Наместо да добиеме разум, ние добивме омраза. Насилници, соросоиди, платеници, бејливисти, предавници беа само дел од епитетите кои раководството ги упати кон сите чесни членови и патриоти во партијата кои јасно го гледаа амбисот кон кој се движи таа, а со тоа и потребата од итни реформи за нејзин спас.

Амбисот започна да се гледа малку поодамна, откако раководството дозволи, без притоа да се прашаат структурите во партијата и самото членство, да се оди на нови избори и покрај фактот што во тоа време партијата имаше апсолутно мнозинство во Парламентот од 61 пратеник. Подоцна, раководството не успеа да формира Влада ниту со 51 пратеник заради внатрешната и надворешната изолација на партијата предизвикана од погрешните политики. Пред еден месец, целосно ја загуби и локалната власт. И тоа на локални избори кои требаше да се оддржат уште во мај годинава и кога веројатно ќе имавме многу подобар резултат отколку во октомври. Но, наместо тогаш локални избори со подобри резултати, ние добивме тежок удар како партија преку настаните што се случија на 27 април во Парламентот, кои впрочем беа и еден од мотивите за почеток на внатрешната иницијатива со барање за целосна реформа во партијата. Тоа беше уште една од низата погрешни политички одлуки кои се носеа без компас, без да се прашаат органите на партијата и пред се самите членови, а кои одлуки ја донесоа партијата во денешната агонија.

Но, еве денес, конечно пред нас имаме огромна шанса да вбризгаме нова енергија за нови победи, и да започнеме една нова ера во ВМРО-ДПМНЕ. Новата енергија може да се вбризга само доколку најавениот вонреден конгрес на партијата биде обединувачки, на кој членовите преку свои делегати ќе го изберат својот иден лидер, но и цврсто ќе застанат зад Декларацијата за демократско, европско и модерно ВМРО-ДПМНЕ. Такво нешто е неопходно не само за ВМРО ДПМНЕ, туку и за државата воопшто.

Јавноста со нетрпение очекува да го види новото лице на ВМРО-ДПМНЕ. Неопходно е тоа ново лидерство да биде препознаено како кредибилно од членовите на партијата секако, но и од јавноста пошироко, како и од меѓународниот и албанскиот фактор во смисла на тоа што ќе мора во најкраток временски период овие два целосно срушени моста повторно да ги изгради. Со еден збор, тоа мора да биде лидерство кое во најмала рака ќе успее да ги врати назад во партијата гласовите на 150.000 членови и симпатизери на партијата кои си заминаа поради сегашното лидерство кое ја водеше долги години. Тоа мора да биде лидерство кое пошироката јавност ќе го препознае како вистинска внатрешна промена која дава гаранција за дисконтинуитет на погрешните партиски политики од минатото. Лидерство со широка визија и подготвеност во наредниот период брзо да ја обедини и консолидира партијата и да поведе еден нов правец кој може во догледно време да донесе широка поддршка од граѓаните на Република Македонија. Во таа насока секој избор во кој пошироката јавност нема да препознае капацитет за суштинска промена и внатрепартиско обединување, само дополнително ќе ја зароби партијата во опозиција и ќе доведе до понатамошни поделби внатре.

Затоа, подеднакво важно е новото лидерство да има вистинска желба и капацитет да ги прифати и спроведе измените на Статутот на партијата веднаш. Тие се фактор за нејзино внатрешно обединување. Тие се фактор за обединување на сите поранешни и сегашни членови на ВМРО-ДПМНЕ зад идејата за слободна, демократска и модерна ВМРО ДПМНЕ. Измените во начинот на дејствување на партијата ќе ја вратат внатрешната кохезија и енергија за кратко време, вистинската енергија како што партијата ја имаше во 1990, 1998 и 2004 година. Време е новото лидерство цврсто и единствено да застане зад предложените внатрепартиски реформи кои мораат да се спроведат, и кои ќе отворат нови можности и потенцијали за секој член и активист во партијата, за секој нов месен или општински комитет,  за новиот Централен и Извршен комитет. Време е членовите самите да одлучуваат за нивните месни или локални лидери, самите да одлучуваат за политиките на нивниот општински комитет, самите да одлучуваат за нивните претставници во централните тела.

Искрено се надевам дека разумот и желбата кај делегатите на конгресот за демократско, европско и модерно ВМРО-ДПМНЕ ќе надвладее и партијата ќе продолжи да се развива на демократски начин согласно идеологијата која ја има од своето основање. Искрено се надеваме, ние членовите на внатрепартиската иницијатива за реформи, но и јавноста пошироко, дека 23-ти декември ќе го означи почетокот на една нова ера во ВМРО ДПМНЕ, ера во која партијата одново ќе ја добие честа да управува со државата.

Авторот е член на Внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ