НЛБ Банка воведе плаќање со мобилен паричник


НЛБ Банка воведе нова услуга, NLB Pay мобилен паричник, која овозможува бесконтактно плаќање на продажните места преку мобилен телефон.

„Со оглед на тоа дека мобилниот телефон е уред кој секогаш го носиме со нас и по навика не го испуштаме од рака, убеден сум дека нашата нова услуга, NLB Pay мобилниот паричник, дополнително ќе ги олесни плаќањата кои ги вршат нашите клиенти. Плаќањата се извршуваат преку мобилниот телефон, без потреба од физичко користење на платежните картички, со што мобилниот телефон се претвора во виртуелен паричник“, рече на промоцијата на новата услуга Антонио Аргир, претседател на УО на НЛБ Банка АД Скопје

Воведувањето на оваа услуга на клиентите им овозможува заштеда на време и средства и им дава можност брзо и лесно да ги завршуваат банкарските обврски 24 часа на ден, седум дена во неделата.

NLB Pay е услуга наменета за физички лица, корисници на Mastercard платежните картички, кои поседуваат мобилен уред со Andorid оперативен систем. NLB Pay мобилниот паричник ги дигитализира Mastercard картичките и со тоа овозможува плаќање на бесконтактни ПОС терминали во земјата и странство. Клиентите можат да ја активираат оваа услуга самостојно, без потреба од посета на експозитура.

NLB Pay апликацијата е достапна за преземање од Google Play store. Активирањето на апликацијата, дигитализацијата на картичките и користењето на NLB Pay мобилниот паричник е бесплатно.