Ниту еден преживеан на кобниот лет во Алжир
Најмалку 257 лица загинаа при уривањето на алжирски воен авион во главниот град на Алжир во средата изутрина, соопшти Министерството за одбрана во земјата. Ова е најфаталната авионска катастрофа во светот во последниве четири години и најлошата несреќа досега во оваа земја.
Авионот се урна во поле непосредно по напуштањето на воената воздухопловна база Буфарик југозападно од главниот град, соопшти Министерството. Авионот бил упатен кон Бехар, Алжир, во близина на мароканската граница, со застанување во Тиндуф, соопшти војската.
Министерството соопшти дека загинале и членови на војската, нивните семејства и 10 членови на екипажот. Причината за несреќата и целта на летот не беа веднаш разјаснети.
Алжирската државна новинска агенција објави дека авионот бил руски „илјушин ил-76“, транспортен авион. Министерството соопшти дека свикало комисија за да ја испита причината. Несреќата е најкрвавата досега, по соборувањето на авионот од „Малезија ерлајнс“ над источна Украина во 2014 година. При уривањето на тој „боинг 777“ загинаа сите 298 луѓе.
Најлошата авионска несреќа во Алжир пред оваа беше во 2003 година, кога авионот „боинг 737“, со кој управуваше авиопревозникот „Ер Алжир“, паднал по откажување на мотор при полетувањето. Во несреќата загинаа 102 лица, додека едно лице преживеа со сериозни повреди.
Во средата телевизиските куќи објавија снимки од облак од црн чад што се издигнува од остатоците од авионската несреќа во зелено поле опкружено со планини.
За алжирските воздухопловни сили несреќата во средата е уште еден удар по падот на авионот на „Локхид Мартин“ во 2014 година, кој се урна околу 40 километри јужно од Константин, Алжир, и загинаа повеќе од 75 лица.
Алжирските воздухопловни сили во голема мера управуваат со советски или руски авиони. Службата, која има персонал од околу 14.000 лица, управува со 12 „ил-76“ авиони за транспорт, според лондонскиот Меѓународен институт за стратегиски студии.
„Илјушин ил-76“ е воен авион за транспорт од советската ера, кој најчесто се користи во земји кои имале врски со Советскиот Сојуз. Последната фатална несреќа која се случила со „ил-76“ се случила на 1 јули 2016 година, кога руската владина верзија на авионот што се користела за гаснење пожари се урнала додека се бореле против пожар, како што вели Мрежата за безбедност на воздухопловната безбедност. Сите 10 лица во авионот загинале. Инцидентот се случи еден ден откако 81-годишниот претседател на Алжир, Абделазиз Бутефлика, се појави на јавен настан зголемувајќи ги шпекулациите дека ќе се кандидира за петти мандат. Бутефлика, кој владее со Алжир од 1999 година, се повлече од очите на јавноста откако преживеа мозочен удар во 2013 година. (А.П.)