Нискобуџетната авиокомпанија „Германија“ објави банкрот


Германската нискобуџетна авиокомпанија „Германија“ (Germania) денеска поднесе барање за стечај откако не успеа да обезбеди краткорочно финансирање за одржување на компанијата и објави дека ги откажува сите летови.

Одлуката на компанијата со седиште во Берлин, која има 37 авиони и превезуваше повеќе од четири милиони патници годишно, стапи во сила веднаш.

„Германија“ леташе главно од Германија и Швајцарија до туристичките дестинации во Медитеранот и Блискиот Исток. На почетокот на јануари, авиокомпанијата потврди дека има финансиски тешкотии и минатиот месец не можела да ги исплати платите на своите вработени.

Во денешното соопштение на компанијата е наведено дека голем товар претставувал огромниот пораст на трошоците за гориво минатото лето, а во исто време и слабеењето на еврото во однос на доларот, како и значително доцнење во набавката на авиони и зголемените трошоци за одржување на леталата.

Карстен Балке, директор на компанијата, рече дека единствената опција што му останала била да прогласи банкрот и изрази жалење за последиците од таа одлука за вработените. Тој, исто така, им се извини на патниците што купиле билети за некој лет.