Нимиц тврди, Наумовски демантира: Решението за името на повидок?


Посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц, вчера по преговорите во Њујорк,  изјави дека решението за спорот за името е на повидок и дека со тоа  ќе се стави крај на 27-годишниот спор меѓу Грција и Македонија.Но, предлогот неофицијално го урнал оптимизмот на македонска страна, а официјално тоа го изјави и преговарачот Васко Наумовски по средбата. Според него изнесените предлози од страна на Нимиц излегуваат од рамките на резолуцијата 817 на ОН за спорот, при што нагласи дека ни една земја сега во 2018 година нема право да и наметнува на друга име и дека сега никој не може да го негира постоењето на македонскиот јазик  и народ.Тој не изнесе детали од предлозите но нагласи дека се недостоинствени и дека оптимизмот е добар, но  за да се биде оптимист треба да има основа за тоа. Наедно Наумовски нагласи дека името на нашата држава е Република Македонија.

Неговата изјава сосема се разиде со тонот со кој Нимиц настапи по преговорите.

– Оптимист сум дека овој процес се движи во позитивна насока, рече Нимиц на прес конференцијата, придружуван од преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис.Тој посочи дека на маса презентирал сет со сугестии и предлози и дека очекува двајцата преговарачи, Наумовски и Василакис да ги престават на своите влади.

– Презентирав сет сугестии за решавање на спорот. Нереално е да се очекува решение што не би го содржело терминот Македонија, нагласи Нимиц по средбата која траела еден час.

Тој претпоставува дека во следните две недели ќе може да ги посети главните градови на двете земји за да ги слушне нивните мислења за како да продолжи понатаму, но тоа, рече, но нагласи дека тоа зависи од министрите за надворешни работи.

– Моите идеи како целина се нови затоа што имаме нова комбинација на идеи. За ова прашање се разговара 25 години и многу е неочекувано да се излезе со нов предлог. Многу луѓе сиве овие години размислуваме на овие прашања. Затоа, многу е тешко да се излезе со нешто ново, но сметам дека сега ситуацијата е различна. На ова гледам како на добар сет на идеи со пакет за компромис со кој двете страни би требало да се чувствуваат комфорно и со заеднички прифатливо решение, истакна медијаторот Нимиц. Тој се надева дека лидерите на опозициските партии во Грција и Македонија ќе бидат конструктивни, затоа што тие се многу важни учесници во политичкиот живот на земјите.