(ВИДЕО)Нимиц: Решението за името е на повидок


Посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, изјави дека решение за спорот за името е на повидок со што ќе се стави крај на 27 годишниот спор меѓу Грција и Македонија.

– Имам големи надежи дека овој процес се движи во позитивна насока, изјави Нимиц вечерва во Њујорк по разговорите со претставниците на двете земји Васко Наумовски и Адемантиос Василакис.

Тој посочи дека на маса презентирал сет со сугестии и предлози и дека очекува двајцата претставници Наумовски и Василакис да ги претставеат на своите влади.

– Презентирав сет сугестии за решавање на спорот. Нереално е да се очекува решение што не би го содржело терминот Македонија, нагласи Нимиц по средбата која траела еден час.

Тој претпоставува дека во следните две недели ќе може да ги посети главните градови на двете земји за да ги слушне нивните мислења за како да продолжиме понатаму, но тоа, рече, зависи од министрите за надворешни работи.

Средбата во Њујорк е прва годинава, а медијаторот веќе најави нови за февруари и за март. Тој инсистира на засилена динамика на разговорите за да се искористи поволниот момент.

Претходно, шефовите на дипломатиите на двете земји, Димитров и Коѕијас се договорија да имаат подиректна улога во разговорите за надминување на разликата за името.