Нимиц: Протечените детаљи не се сто отсто точни


Во интервјуто за „360 Степени“, посредникот во спорот за името, Метју Нимиц, зборуваше за неговиот сет-идеи кој, повеќе или помалку, „протече“ во јавноста и нудењето непреведени сложени имиња со географска одредница.

– Не сакам за ова да зборувам, свесен сум дека некои работи „протекоа“, но не се, не целиот документ, можеби и тоа се случило, а јас да не сум видел. Има други аспекти од документот што се однесуваат на преводот и на други нешта. Начинот на кој вие го кажувате не е 100 отсто точен ако го читате целиот документ. Но, јас не мислам дека е добра идеја да се вмешувам во детали – рече Нимиц.

„Ова дефинитивно е историска шанса за решавање на спорот со името. За тоа дали ќе постигнеме решение се уште има доста работа, но мислам дека сега сме поблиску од кога било и сметам дека волјата кај двете страни на лидерско ниво и според мене, меѓу повеќето граѓани, е позитивна“, оценува медијаторот.

Во однос на тоа во која насока ќе продолжи процесот, вели дека не сите, и во Атина и во Скопје, се среќни со се што изнел во неговите идеи, но, нагласува, нивната цел е да бидат сугестии до двете страни кои би ги приближиле нивните позиции.

„ Дадов некои сугестии и ги слушнав позициите на двете страни. Мислам дека сега ќе се обидам да „соберам“ нешто од понуденото. Но, исто така, двајцата министри за надворешни работи имаат дијалог, добро се познаваат и мислам дека тие се луѓето, на крајот зависи од двете влади дали ќе договорат решение“, истакнува Нимиц.

Додава дека неговите идеи биле релативно конкретни и оти откако ги слушнал двете страни смета дека некои од идеите може да се отстранат, некои може да се доработат, да се намалат некои од разликите, некои прашања може да се решат, некои прашања може дополнително да се усложнат, но, како што рече, во оваа фаза тој е оптимист дека може да се најдат решенија за надминување на разликите.