Николовски: Косово денеска ќе одлучува за царините


Министерот за земјоделство Љупчо Николовски информираше дека активно се разговара со надлежните институции во Косово, а разговорите се во насока на повлекување на одлуката. Попладнево се очекува Владата на земјата да закаже седница и да се разгледува одлуката за зголемувањето на царините за увоз на зеленчук и овошје.

-Косово за Македонија е сериозен трговски партнер со суфицит во трговската размена. Заради тоа мора да сериозно и длабински да работиме на проблемот. Мора да имаме трпение, очекуваме да се закаже седница на Владата на Косово, на која ќе се разгледува прашањето за царините. Во интерес на двете страни е одлуката да биде повлечена, бидејќи сите разговори одат во тој правец. Останува утре да се сретнеме во Белград, од каде едногласно ќе испратиме порака дека на овој начин се прекршува ЦЕФТА договорот, рече Николовски

На денешната седница на Владата, Николовски информираше дека министрите разговарале и за мерките со кои може да се заштити нашето производство.

-Имаме активна мерка за доматот за која се бара и продолжување на рокот. Деновиве ги согледуваме штетите кои ги претрпеа земјоделците со актуелната состојба и ќе ги разгледаме и мерките кои ни се на располагање. Тоа се мерки за предавање во преработувачки капацитети или за зголемување на субвенциите, но  за да донесеме одлука ни требаат информациите кои се производите што се загрозени деновиве, рече Николовски.