Николовски и Љајиќ си легнаа на брашното


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот  министер за трговија  Расим Љајиќ, денеска во Скопје потпишаа Договор согласно кој за брашно од 1,2 и 5 килограми маркичките ќе се лепат во Србија, а за пакувања од 25 и 50 килограми маркичките ќе се лепат во Македонија.

– Ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми меѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата, изјави Николовски по работниот состанок во Скопје.

Николовски соопшти дека Македонија и Србија ќе формираат комитет за натамошна соработка и за надминување на сите отворени прашања.

Љајиќ изрази очекување дека за еден месец Србија и Македонија на системски начин ќе го решат овој проблем.

– Недвосмислено покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински бариери, рече Љајиќ и додаде дека целта на двете земји е трговската размена од сегашните 760 милиони евра годинава да достигне милијарда евра, а тоа е можно сако ако се елиминираат пречеките.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно, согласно договореното, ќе биде сменет уште денеска.