Не гледам план „Б“, но гледам светла иднина


Генералниот генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг, порача вчера дека вратата на НАТО е отворена, но поминувањето на прагот бара сериозна работа. Иако неколкупати изјави дека е импресиониран од напорите и реформите што ги прави владата, и дома, и во однос на соседите и отворените прашања, тој спомна неколку битни работи што треба да се исполнат, покрај прашањето околу името. Меѓу нив беа реформи околу изборите, медиумите, поголема транспарентност на финансиите, ефикасна работа на СЈО и на новиот јавен обвинител, справување со корупцијата во одбранбениот сектор и функционално мултиетничко општество.

Денес сум тука да зборувам за посветлата иднина што сами ја градите и за вратата што ја отворате“, рече на почетокот Столтенберг, откако се заблагодари за 15-годишното учество на Македонија во мисиите на НАТО потсетувајќи дека и алијансата имала свој придонес тука во 2001 и 2002 година. Тој истакна дека НАТО е присутен две декади во регионот и дека она што посакува за Македонија е да биде слободна, безбедна и просперитетна.

Настаните во април во оваа сала ме шокираа, и мене и членките на НАТО. Но, импресионирани сме од напредокот последните девет месеци и од создавањето на нова инклузивна политичка култура“, истакна Столтенберг додавајќи дека пред девет месеци Македонија била до работ на карпата, но оттогаш од држава со потенцијална нестабилност се претворила во држава со реална можност.

Како поранешен пратеник и премиер на Норвешка ги разбирам предизвиците со кои се соочувате. Онаму каде има инклузивност и отворен дијалог, постои и истрајност“, рече во своето обраќање Столтенберг.

Тој ги поздрави транспарентноста, судските реформи, ставање на безбедносните служби под надзор и планот 3-6-9 на владата, но рече дека истите мора да продолжат. Воедно ги поздрави усвојувањето на Законот за употреба на јазиците и Договорот за добрососедство со Бугарија фалејќи ја владата за подобрените односи со соседите. Тој ја потенцира улогата на опозицијата како „многу важна“ која треба да ја следи и да ја коригира владата, а за граѓанското општество рече дека треба да продолжат да даваат помош во реформите.

-Алијансата сака да ве види на масата. Преминувањето на прагот бара сериозна работа. Бидете транспарентни со нас за реформите, ние ве поддржуваме и ќе помогнеме колку што можеме. Вие ја имате и визијата и алатките, рече Столтенберг. Потоа, посочувајќи го примерот со членството на Црна Гора во НАТО, нагласи дека има простор за уште знамиња пред седиштето на Алијансата, алудирајќи дека Македонија има реална шанса да стане полноправна членка.

Земјите членки се импресионирани од вашата посветеност и ентузијазмот. Сакам да успеете, НАТО сака да успеете“, додаде тој, со забелешка дека сепак добро е да се биде амбициозен, но важно е да се биде и реален.

Има уште работа што треба да се сработи. Ова секако значи решавање на прашањето со името на вашата земја. Ова е прашање кое му тежи на регионот и на оваа земја веќе предолго време. Ја поздравувам волјата која што ја покажува вашата влада за да се разреши ова прашање, а вчерашната средба во седиштето на ОН во Њујорк беше уште еден надежен чекор. Ве поттикнувам да ја искористите оваа шанса за да се придвижите напред. Сепак членството во НАТО е многу повеќе од решавање на прашањето за името. Членките се обврзани и преку заеднички вредности, а аспирантите мора да покажат дека ги споделуваат овие вредности“, порача Столтенберг.

На инсистирањето на новинарите ако не успеат преговорите дали е можен прием со привременотот име, Столтенберг кадегорично го исклучи тоа.

Сакам да бидам чесен со вас. Нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името. Тоа прво беше кажано на Самитот на НАТО во 2008 година, а потоа беше повторено и на самитот во Велс во 2014 година и уште еднаш на НАТО самитот во Варшава во 2016 година. Нема план Б, нема друг начин за приклучување во НАТО, освен решавањето на прашањето за името“, рече Столтенберг. Уште повеќе оцени дека нашите напори да влеземе во алијансата ќе станат потешки ако се базираат на лажни очекувања дека може да се влезе на друг начин, бидејќи не може да се заобиколи консензусот.

Неопходно е да покажете флексибилност и праматичен пристап. Само ќе го одложите приемот ако мислите дека има план Б за процесот“, беше категориен Столтенберг, кој наспроти оваа сурова политичка порака не штедеше зборови колку е импресиониран од напорите што ги прави владата. Премиерот Заев оцени дека создаваме добар моментум и дека искрено очекува Македонија да биде 30-тата земја-членка на НАТО. Зборовите на Столтенберг сепак му ја замрачија насмевката.

Додека беше Столтенберг во Собранието надвор се одржа мал протест на група граѓани, меѓу кои беше и пратеничката Солза Грчева заедно со членови и приврзаници на политичката партија „Левица“.Демонстрантите имаат истакнато транспаренти на кои пишува „Против војна за профити“, „Во НАТО ниту под уставно име“…Претходно, пратеничката Солза Грчева преку Фејсбук повика на протест за, како што пишува „да кажеме дека имаме едно име – Република Македонија“.

Слободанка Јовановска