Неопходни се измени на Законот за слободен пристап до информации


Неопходни се измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за да се вметнат прекршочни одредби со кои ќе се казнуваат оние иматели на информации кои ненавремено ги доставуваат податоците.

Ова е еден од клучните заклучоци од извршниот мониторинг на Центарот на заедницата на општина Струмица врз работата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во периодот од јуни до декември лани.

– Еден од главните заклучоци е дека има правна рамка, но нема прекршочни одредби со кои ќе се казнуваат имателите на информации кои ненавремено ги доставуваат информациите или годишните извештаи со кои се законски задолжени. Затоа се потребни неопходни измени на Законот за слободен пристап до информации, изјави денеска Светлана Мазгалоска-Вучетиќ, надворешен експерт.
Мониторингот покажа дека е потребно да се зајакнат и административните капацитети на Комисијата за да може редовно да се ажурира нивната веб страница, а препорака е и законот да биде повеќе застапен во медиумите преку разни реклами и кампањи.

Мониторингот опфати десктоп и теренско истражување. Беше спроведен во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за транспареност-набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“ што го реализира Фондацијата Отворено општество-Македонија и Евротинк-Центар за европски стратегии.