Нема докази, има само злосторства


Ерол Ризаов

Никола Груевски влегува и излегува од судницата како премиер од седница на владата, убаво стокмен, секој ден со друг костум, со соодветна вратоврска, сериозен, но со мала иронична насмевка, која праќа порака како македонски ТВ-водител: останете со нас, се враќаме по рекламите. Потоа тргнува накај групата новинари, судски известувачи со видливо подобрување на одењето, го нема она шаткасто чаламџиско нишање и фрлање лево и десно на нозете. Се наведнува помалку понизно над микрофоните и ѝ приопштува на јавноста постојано иста вест, сугестивно ни шепнува: „Нема докази. Ова е политичка пресметка, ќе докажам дека сум невин“. Ги поздравува новинарите и си заминува на подготовки за одложување на следното судење.

Во судските обраќања до јавноста на Груевски му недостига само шеширот и реченицата „по сѐ што направив за Македонија, сакаат да ме стават во затвор“, па изјавата да биде иста со онаа на Ал Капоне од неговите спектакуларни судења кога има злосторства, а нема докази. Големиот Капоне им се обраќаше и на судиите, и на новинарите, и на јавноста секогаш облечен според модата од времето на големата светска криза и прохибицијата во 30-тите години на минатиот век постојано подготвен за шега нагласувајќи дека е невин, дека ова е пресметка со него на политички моќници и дека нема ниту еден доказ за она што го обвинуваат. Да имаше докази, ќе бев одамна во затвор со останатите гангстери изјавил во една пригода Ал Капоне. Груевски некни вели: „Да имаше само „Д“ од докази, одамна немаше да бидам тука, туку ќе бев уапсен со останатите пратеници“.

Сите тие грозни злодела во царството на гангстерите во Чикаго се случувале кога Ал Капоне имал беспрекорно алиби дека не бил на местото на злосторството и дека тој нема ништо со тоа, дека сѐ што направил го направил за доброто на Америка. Ал Капоне по долги судења беше осуден на повеќегодишни затворски казни поради неплатен данок, за другото немало докази.

Се разбира, Никола Груевски не е Ал Капоне, некој од неговите адвокати треба тоа да му го каже, и помалку да зборува пред јавноста за немање докази. Нека го кажува тоа пред судиите. Кога најсилниот аргумент е нема докази, а има крвави раце од државен удар со обиди за убиство на народни пратеници во Собранието на Македонија, да се повикува човек на докази затоа што тој ден бил на пристојна оддалеченост, дури во Виена, каде што гледал театарска претстава во директен пренос од скопскиот парламент, тогаш, тоа е навреда за јавноста. Меѓутоа, Груевски има потреба да ѝ го објаснува на јавноста тоа што треба да му го објасни на судот, па вели да, мојот телохранител од Виена му се јавуваше на телефон на својот брат, тие си зборуваа за семејни работи, но никако за нарачка да се изврши упад во Собранието, како што се вели лажно во обвинението, дека на 27 април стасал повик од Виена во Скопје, па луѓето од обезбедувањето на Груевски ја почнале акцијата за упад во Собранието. Пред скопско кафуле се собрале 68 партиски војници кои добиле фантомки и сите влегле во парламентот. Тоа е обвинението, а нема ни еден доказ дека Груевски е нарачателот. Јавноста во Македонија знае дека сите луѓе околу Груевски, особено од неговото најблиско обезбедување, не работат според наредби. Тие самоиницијативно и спонтано го работат тоа за што се платени и тоа си го прават професионално. Не им треба никаква наредба. Истото се случува и со неговите најблиски соработници и со пратениците. Луѓето си ја знаат работата, зошто би имало потреба некој да им нареди да ги отворат вратите од Собранието за да влезат туристите со качулки на главите, зошто би требало некој на Чавков да му нареди да не го обезбедува полицијата Собранието според правилата во вакви ситуации и зошто малку од тактички причини не би одолговлекувал со наредбата да се брани парламентот од патриоти кои спонтано си дошле да ја спасуваат Македонија од непријатели и предавници. Впрочем, како што тие денови наголемо и нашироко беа повикувани да не седат дома, туку да ја бранат Македонија. Сѐ е така, ама нема докази кој го нарачал крвавиот пир во Собранието.

Какви докази се тоа, собирани на незаконски начин со прислушување на телефони кога Груевски лично издава наредба да се соберат едно две-три илјади луѓе пред градското собрание и да им ги стресат гаќите на тие што внатре заседаваат и на новиот градоначалник Жерновски да му врзат едно пет-шест шлаканици, малку појаки. Па, шлаканиците воопшто не се удрени, а тоа што се испокршени прозорци и врати, мебел и слично… голема работа, за тоа не се суди најдобриот премиер во историјата на Македонија. Какви небулози од докази се тие, повторно стекнати по незаконски пат со прислушување, да се минира повеќекатницата „Космос“ на некојси Фиат Цаноски по законски пат, а газдата се помокрил од страв во канцеларијата на премиерот поради биолошки закони кога човек е смртно исплашен. И, за тоа ли сега треба да се малтретира Груевски затоа што слатко се изнасмеал на црн хумор за кој нема ниту еден доказ дека тој има некаква улога. Какви се тие докази ви се молам кога за џабалак се купуваат плацеви на атрактивни локации. Кој не би купил по законски пат голем и убав плац на Водно речиси за бадијала. Човекот нема поим дека имало некакви кинески провизии и корупции во милионски износи за изградба на ѕвездени патеки низ Македонија. Сите до една се чисти измислици. Еве, на пример, обвиненијата за изборни неправилности. Класична политичка пресметка со еден невин премиер чист како солза кој постојано сите избори ги добиваше поради тоа што беше омилен кај народот оти е чесен и нема ништо, освен нешто малку скромен имот. Од каде на каде изборите биле местени.

Бидејќи нема услови за фер судење на еден заслужен поранешен премиер кој најдолго ја извршувал оваа одговорна функција, кој ни го правеше цели десет години тоа што само голем јунак може да го направи, веднаш претседателот на државата Ѓорге Иванов да ги прекине сите судски постапки против Никола Груевски и со аболиција да го ослободи човекот од политички прогон. Воопшто не е важно дали има или нема уставно, или какво било право на тоа кога се во прашање безбедноста, територијалниот и личниот интегритет во царството на гангстерите, нивниот претседател е должен да ги заштити.