Неизвесна судбина за најголемата книжевна манифестација: Саемот на книгата нема каде да го одбележи јубилејот


Неизвесно е дали, кога и каде би се одржало годинешното издание на Саемот на книгата. Ова е една од најзначајните културни манифестации која се одржува секоја година и речиси секогаш во април. Проблемот настана откако халите и земјиштето на „Скопски саем“ добија нов сопственик и на истата локација ќе се гради друг комплекс, па во моментов нема каде да се реализираат саемските манифестации.

Годинава Саемот на книгата треба да одбележи 30 години постоење и наместо да се дебатира околу содржините што издавачите ќе ги понудат за овој значаен јубилеј, тие се во неизвесност дали Саемот воопшто ќе се одржи.

Претседателот на Македонската асоцијација на издавачи, Бојан Саздов, за „Независен весник“ вели дека откажувањето на Саемот пред неговиот јубилеј ќе биде големо разочарување.

– Најголемата книжевна манифестација, настан што ги обединува сите издавачи, автори, домашни и од регионот и големиот број читатели (40.000) е од огромно значење за културата на главниот град и на целата држава. Ќе биде навистина голема загуба доколку не се најде алтернативен простор за одржување на овој настан, и оваа и во следните години, на што ние како Асоцијација во моментов активно работиме. Очекуваме и се надеваме на поддршка од Министерството за култура, Градот и од другите културни институции во изнаоѓање решение за овој проблем и продолжување, секако и развој, на оваа значајна манифестација – вели Саздов.

Домашните издавачи се затекнати од информацијата дека можеби Саемот воопшто нема да се одржи, бидејќи до минатата недела разговорите биле во насока дека книжевната манифестација ќе се реализира во препознатливиот период и на старата локација на „Скопски саем“. Дел од нив се согласни дека е прифатлива и друга соодветна локација, но инсистираат да се најде конструктивно решение и да се направи напор да се зачува традицијата на оваа културна манифестација.

Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-или“ вели дека срамно е што се доведовме до ситуација Скопје да остане без сајмиште и да се доведе во прашање одржувањето на саемските манифестации.

– Одржувањето на истите во алтернативни простори ќе биде тешко од повеќе причини – соодветен простор, слободни термини, логистика, инфраструктура и слично. А тука е и традицијата и стекнатите навики. Не знам дали ќе се најде соодветно решение, можеби би се снаоѓале од година в година, но тоа не може да биде решение. Сметам дека треба да се изгради ново сајмиште и во тоа да помогне државата бидејќи е важно за македонското стопанство – вели Стевовиќ за „Независен весник“.

Саемот на книгата претставува книжевен собир каде што на едно место се собираат сите домашни издавачи и автори, но и издавачи од регионот, што го прави еден од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се движи секоја година околу 40.000. „Скопски саем“, пак, во моментов е единствена лиценцирана компанија која организира саемски манифестации. Минатата недела од „Скопски саем“ го откажаа и Саемот на мебел, а во изјава за „Независен весник“ рекоа дека тој саем е откажан бидејќи не успеале да го обезбедат просторот на старата локација. Во наредниот период ќе работат на тоа да обезбедат нова локација, а дотогаш не може да се организира ниту еден саем.

Компанијата „Скопски саем“ низ годините го организираше Саемот на книгата во соработка со Здружението на издавачите и книжарите на Македонија — ЗИКМ, Македонската асоцијација на издавачи и Здружението на албанските издавачи од Македонија.

Секоја година се изложуваат современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. Во просек учествуваат околу 70 издавачи, а од година во година се воведуваа и тематски денови, специјализирани книжевни катчиња, како и гостувања на странски и домашни автори, средби со читатели и слично.

Традиционално, Саемот на книгата е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија во својство на покровител на манифестацијата. Од Министерството не добивме одговор дали и како ќе им излезат во пресрет на издавачите за годинава достоинствено да се одржи Саемот на книгата и да се одбележи јубилејот.

*Министерството за култура денеска (26.02.2018) соопшти дека Саемот на книгата ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“.

Ивана Настеска