Неврохирургија се реновира, операции се прават


 

Пациентите од Клиниката за неврохирургија на кои им треба интензивна нега се префрлаат на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Останатиот дел од Клиниката за неврохирургија ќе работи како и досега.

Ова го вели д-р Владимир Рендевски, директор на Клиниката за неврохирургија, откако викендов оваа Клиника почна да се реновира и пациентите се исплашија дека неврохирургија целосно ќе се затвори.

– Двете сали за операции работат со полн капацитет. Нема никаков застој и нема ни да има. За оваа недела имаме  две операции на ‘рбет. Немаат основа предупредувањата што стигнаа  до мене, луѓето да си го чуваат ‘рбетот зашто ќе нема кој да ги оперира. Тоа не е точно зашто ние оперираме редовно, а освен нас има и уште две неврохируршки установи, во ГОБ „8 Септевмри“ и во специјалната болница за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – изјави Рендевски.

Д-р Маја Мојсова, директорката на КАРИЛ, потврди дека од први овој месец четворица пациенти од интензивната нега на кардиохирургија се префрлени на КАРИЛ.

– Станува збор за пациенти на кои им треба механичка вентилација. Тие се згрижени соодветно и никој не е оставен на улица. Малку е пребукирано, но успеваме да ја менаџираме ситуацијата. Нема друг начин да се реновира некоја клиника – вели Мојсова.

Реновирањето е предвидено да трае до мај, иако раководството на болницата очекува дека ќе заврши порано. Главно ќе се обновуваат просториите за интензивна нега. Ќе се реновираат и неколку вециња на Одделот за болничко лекување.Од ВМРО-ДПМНЕ вчера обвинија дека наместо унапредување на здравствената услуга и заштита, како што вети СДСМ, секојдневно се урнисува и уништува здравствениот систем, како резултат на неспособноста и неработењето на власта.

– Јавноста е сведок на затворени одделенија во болниците, па дури и безмалку цели клиники како во случајот со неврохирургија, чести недостатоци на лекови за ретки болести, инсуфициенција на инсулин, медицински апарати кои поради негрижата на власта не се сервисираат и подолг период се нефункционални, како во случајот со компјутерскиот томограф во болницата во Охрид и целодневни парализирања на системот „Мој термин“. Состојбата е алармантна, а власта ништо не презема – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

На Универзитетската клиника за неврохирургија се третираат васкуларни заболувања, мозочни удари, малформации на крвни садови, тумори на базата на черепот, церебрални аневризми… Една, пак, од најчестите операции што се прават овде е за лумбална дискус хернија. Просечно на годишно ниво на Клиниката за неврохирургија се вршат над 1.000 оперативни зафати за лумбална дискус хернија.

С.С.З.