НДМ на Бачев стана Единствена Македонија-Ќе се залага за Сојуз со Русија


Националното демократско движење на Македонија (НДМ) денеска на седница на Централен комитет на партијата го промени името во Единствена Македонија.

Делувањето на оваа партија во иднина, како што изјави по седницата претседателот на партијата Јанко Бачев, ќе биде насочено кон градење поблиски односи со Русија, како и кон членство на Македонија во Евроазиската унија.

Во изјава за медиумите, претседателот на партијата, Јанко Бачев рече: – „Централниот комитет како највисоко одлучувачки орган на партијата меѓу два конгреса, денес донесе одлуки од историски карактер за партијата. Прво, ЦК донесе одлука за целосно ребрендирање и во иднина партијата наместо Народно движење за Македонија ќе биде со називот Единствена Македонија. Второ, реконструкција на Извршниот комитет на партијата, во кој, меѓу останатите, ќе членуваат и проф. д-р Стефан Влахов Мицов, кој истовремено ќе биде и заменик претседател на партијата, Драган Угриновски, претседател на Македонското патриотско здружение „Тврдокорни„ кое гледаме дека е мета на одредени структури во државата со обидот за наменско промовирање на паралелно здружение со ист назив, но, како што гледате вистинското здружение Тврдокорни е денеска тука, Зоран Јованчев претседател на Здружението „Македонија и Русија„ – МиР, Вангел Симев универзитетски професор и поранешен пратеник кој останува запишан во македонската историја со гласањето против штетните договори во Собранието вклучувајќи го и капитулантскиот рамковен договор во 2001, Игор Јорданов приватен бизнисмен и Ацо Николовски исто така приватен бизнисмен. Новоизбраните членови, заедно со останатите членови ќе го сочинуваат 13-члениот Извршен комитет на партијата.

Трето, Единствена Македонија ќе се залага за радикален пресврт во македонската политика со повлекувањето на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и барање за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија“ – рече Бачев.