На ти со Влатко Стефановски синоќа на концертот во Скопје: Интимно, а светско


Пред еден микрофон, со две гитари,  четворица гости, со публика во темница, само тој осветлен на сцена, гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски синоќа во Македонската филхармонија го промовираше новиот албум „Мајчин јазик“ кој лани го издаде „Кроација рекордс“ од Загреб. По  40 години кариера, 34 албуми, стотици гитари и настапи низ светот и вревата што ја направија на регионалните топ-листи, Стефановски реши, првиот акустичен албум во кариерата да го промовира интимно, меѓу пријатели, со пријатели. И се обрати директно на увце на неговата публика, како да го замолила да и отсвири нешто лично за неа. Со теми и од постарите албуми кои му се драги и кои му даваат можност за импровизација. Кои може самиот да ги изведе, а да не фали музика.

Урбаната публика цупкаше со нозете, постојано аплаудираше, свиркаше и довикуваше браво на „Бистра вода“, како една од најбрилијантните парчиња од опусот на „Леб и сол“, некои нумери кои Есма ги пеела како „Зошто си ме мајко родила“, потоа „Јано мори“, па дури и „Димитријо сине Митре, „Калајџиско оро“, „Јовано, Јованке“, „Кандилце“, Успаванка за Радмилу М“ од албумот на „Бијело дугме“, „Џипси сонг“, „Вера, надеж, љубов“, „Македонско девојче“ … Настапите на гостите Верче Милошевска и Оливер Јосифовски од „Љубојна“ на контрабас, српската етно пејачка Биља Крстиќ и примадоната на македонската Опера, Весна Ѓиноска- Илкова го збогатија концертот кој беше музички перфектен, емотивен, за некои и еуфоричен. Влатко беше онаков каков што го сакаме. Облечен во сако, со мангупски чевли и со капче на глава, уште свири со затворени очи и не може без неговите: јен, два, три, јен, два три.

Вечерашниот, втор концерт е од 20, 30 часот, а во истиот термин е и третиот, во вторник, во организација на „Баги комуникации“.

 

Л.Сабит     Фото: Б. Грданоски