На рамковните службеници ќе им се нудат и раководни позиции


Неколкумина поодамна вработени во Агенцијата за странски инвестиции останале деновиве без столчиња во своите канцеларии по наредба од новиот директор. Столчињата, како што тврдат извори од Агенцијата, им биле земени со објаснување дека од понеделник треба да се направи простор за нови вработени според Рамковниот договор, кои досега седеле дома, а сега ќе бидат ангажирани во различни институции.

Вработени во Агенцијата велат дека иако именувањето на новиот директор – Вулнет Адеми, не било објавено сѐ уште во „Службен весник“, тој се појавил деновиве на работа и почнал да дава налози. За ова информација нема официјална потврда, освен што пребарувањето низ „Службен весник“ не дава резултати за именувањето на Адеми, кој е еден од 27 функционери на ДУИ што Владата ги назначи во пакет на седницата минатата недела.

Нема ни информација дали и колкумина од околу 1.600 т.н. рамковни административци кои земале плата, а не оделе на работа, сега би биле распределени во Агенцијата за странски инвестиции, по најавата на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски дека тие ќе бидат конечно ангажирани од наредната недела. Во најголем дел станува збор за кадри што се „фиктивно“ вработувани во периодот од 2011 до 2014 година, преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, согласно принципот за соодветна и правична застапеност по етничка линија во администрацијата. Тоа се случуваше во времето додека вицепремиер во овој Секретаријат во владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше Муса Џафери.

Министерот Манчевски најави вчера дека вработените според Рамковен договор кои не се распоредени на работни места ќе добијат понуда да одат на работа не само во јавната администрација како досега, туку во целиот јавен сектор. Тоа, како што објасни, подразбира дека може да бидат ангажирани во училишта, градинки, здравствени установи, јавни претпријатија… Таква можност е отворена со промена на закони што ја покриваат проблематиката со вработување и со амандманска интервенција во Законот за јавна администрација. Манчевски рече дека на околу 1.600 административци ќе им биде понудено работно место, што не значи дека тие мора да го прифатат. Доколку не го прифатат, ќе бидат на трансфер-листа, од каде што повторно ќе може да бидат распоредени за потребите на друга институција доколку тоа биде прифатливо за нив.
Посочувајќи дека се знае профилот на кадрите, Манчевски наведе дека првин ќе се распоредат оние што ги исполнуваат условите за раководни места, по што ќе оди распределбата на други позиции. Тоа не се однесува само за 1.600 вработени по Рамковен договор, туку генерално за сите административци.

„Генерално, бараме кадри за реорганизација внатре во администрацијата, кои ги исполнуваат условите за заземање на некоја од раководните позиции, за веднаш тоа да биде направено“, изјави Манчевски. Тој објасни дека распределбата во администрацијата ќе се одвива во наредните недели, дека не се знае точно колку ќе трае оти тоа нема да биде на неодредено време.

– Некаде нема да биде прифатливо тоа што им се нуди и тогаш се применуваат законските одредби со кои овие луѓе се ставаат на трансфер-листа. Тоа не значи дека се отпуштаат од работа, туку се ставаат на располагање за други институции. Ќе се добиваат понуди како што добиваат понуди и останатите на трансфер листата во јавната администрација – појасни Манчевски.

Пред неколку седмици, Владата ја усвои Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2020 година. Тогаш Манчевски презентирајќи ја Стратегијата посочи дека има превработеност во администрацијата, ама на најниско ниво, додека повеќе раководни позиции се празни, затоа што недостигаат стручни и високоообразовани кадри..

– Имаме еден разурнат систем, немаме менаџерки кадар. На одредени луѓе, кои се помлади соработници, немаме друг избор освен да им даваме повеќе работни задачи, за кои не се ниту примени, ниту платени – истакна Манчевски.
Тој посочи дека има недостиг од правници, економисти, инженери. Според Манчевски, стручна, ефикасна, отчетна и транспарентна администрација е еден од главните приоритети на Владата.

– Предвиден е план за деполитизација на администрацијата, како еден од основните проблеми преку унапредување на постапките на селекција, вработување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман, како и правична застапеност на сите заедници – посочи Манчевски.
Особено внимание во документот се посветува на професионализацијата на високите раководни структури преку јасно разграничување на политичкото и професионалното ниво.

Празните столчиња чинеа 11 милиони евра во 2015 година

Празните „рамковни столчиња“ во администрацијата, секоја наредна година сѐ поскапо го чинат државниот буџет, особено ако се има предвид дека вработените земаа плата без реален работен ангажман. Така, на пример, во буџетот за 2015 година за исплата на плати за Секретаријатот за Рамковен договор беа предвидени 11 милиони евра, или 1,9 милион евра повеќе од претходната година. Овие средства се само за исплата на рамковните вработувања, додека за редовно вработените во Секретаријатот за Рамковен договор беше обезбедена сума од 227.000 евра.

Александра М. Митевска