На новинарите им прекипе од заканите


Александра М. Митевска

Помина времето на толеранција на притисоците врз медиумите, е пораката што  беше испратена вчера од новинарскиот протест пред Владата, кој дојде како реакција на заканите и навредите што високиот (и контроверзен) функционер на владејачката ДУИ, Бекир Асани, ги упати до претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Ако органите на прогонот може да го толерираат објаснувањето дека полицајката се самоповредила од „пајакот“  кај Бит-пазар,  такви образложенија тешко поминуваат кај критичната јавност во земјава. Така и новинарската фела, како што може да се забележи, сѐ потешко може да  свари политички вокабулари од типот „копилиња“.

Со исклучок на протестите за ослободување на Томислав Кежаровски, кои беа поддржани и од тогашната опозиција, вчерашниот протест беше можеби еден од најмасовните новинарски собири во последните години. Колеги кои во изминатите години, додека се урнисуваа  новинарските права и медиумските слободи, можеби и самите соочени со закани и притисоци од тогашната владејачка постава тешко можеа да се видат во првите „борбени редови“ на протестите, сега излегоа во знак на солидарност со претседателот на ЗНМ.

ДУИ, која е втора по бројност и по важност партија во коалицијата на власт, а освен тоа има и убедливо најдолг стаж на „Илинденска“ во последната повеќе од една и пол деценија,за жал немаше свои „набљудувачи“ на протестот за да ги слушне свирежите и негодувањата против насилниците кои се сметаат  политички моќни и недопирливи. Затоа, пак,  функционери на  новата водечка владејачка партија СДСМ имаа можност на самото место, пред владината  зграда, да ја слушнат пораката дека  „копилињата нема да стивнат“.

Селмани лично на Роберт Поповски, неговиот претходник на челната позиција во ЗНМ, а сега министер задолжен за медиумите, му порача „врзете ги кучињата – тие се дел од вашата коалиција“.  Дел од Владата, се чини, ја апсолвирал веќе оваа порака уште пред да биде јавно кажана, така што  повеќе некогашни новинари, а сега членови на владиниот ПР присуствуваа на протестот. Сега, прашање е само како пораката ќе им биде пренесена на коалициските партнери  од ДУИ, чие подземје во последните десет години, очигледно, е „истренирано“ на други модели на практикување на власта и на општење со медиумите. Таквите модели, секако, се политички поисплатливи за одредена партија, ама се лоша слика за гарнитура на власт која се декларира како слободоумна и демократска и која стигнала до „Илинденска“, меѓудругото, и на фонот на пораките за слобода и независност на медиумите и на нивно доживување како коректори на погрешните потези, а не како непријатели на владејачката свита.

Речиси девет месеци по делумната смена на власта, владата на СДСМ и на ДУИ се соочи со првите новинарски протести. Солидната критична новинарска маса што се собра вчера на „Илинденска“ е, всушност, добрата вест за која вчера јавија медиумите. Лошата вест што може да следува допрва е дека протестите може да не завршат тука и да станат уште помасовни, доколку не се научени лекциите од минатото и доколку не се корегираат некои од потезите, вклучително и тоа до каде можат да одат отстапките и попустливоста во односите меѓу коалициските партнери.

Како што новинарите покажаа дека нема да  се оглушуваат и да ги премолчуваат заканите и притисоците, што дојдоа овој пат од функционери на ДУИ, и СДСМ би требало да им покаже на партнерите  во власта дека има црвена линија за нивните евентуалните уцени и обиди за спас на личности кои би требало да бидат политички елиминирани и да понесат правна одговорност. Зашто ликови како Асани можеби можат да седат на состаноците на локалните разграноци на ДУИ, ама скандалозно е да се дозволи нивно влијание врз политиките на Владата, како и на нејзиниот имиџ во домашната и меѓународната јавност.

Недозволиво е поради такви антихерои, партнерот со најголем удел, а со тоа и одговорност,  во извршната власт и во парламентарното мнозинство да биде принудуван на непринципиелни отстапки кон помалите сојузници. Зашто, така можеби ќе се одржи мирот внатре во коалицијата, ама  затоа, пак, се зголемуваат ризиците за создавање големи бури  на отворена сцена.