На Мијалков и на Јанкуловска ќе им се суди за нелегалното прислушување
Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи судење за споениот предмет „Таргет – Тврдина“ кој се однесува за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.
Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски.
За „Таргет – Тврдина“ досега беше оддржано само едно рочиште, на 22 декември. Судијката Ленка Давиткова тогаш го одложи судењето бидејќи, како што кажа, не се исполнети законските препоставки за одржување на главната расправа.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.