На еден километар булевар се заштедиле 500.000 евра


Градот Скопје за изградба на втората фаза од булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ потрошил 500.000 евра помалку отколку претходната градска администрација, која во 2016 година ја градела првата фаза на булеварот со иста должина, од еден километар. Пари биле заштедени и на реконструкции на делови од „Партизанска“, како и на изградбата на велосипедските патеки.

За домаќинското работење на градската власт вчера се пофали градоначалникот Петре Шилегов и најави дека на овој начин во иднина ќе може да се планира нов, балансиран буџет, во кој ќе се најдат пари за реализација на повеќе инфраструктурни проекти.

„Изградбата на првата делница од ‘Христијан Тодоровски-Карпош’, во должина од еден километар, пред две години чинело 136 милиони денари, а ние сега втората фаза со иста должина, која ја направи истата градежна компанија, ја изградивме за 106 милиони денари. Тоа е за речиси 22 отсто поевтино, иако во буџетот сме планирале дека за делницата би можела да не чини и до 180 милиони денари“, вели Шилегов.

Сериозни разлики во цените градските власти забележале и во изградбата на велосипедски патеки по главните булевари. Шилегов вели дека планираните цени ги формирале во споредба со тоа што плаќала изминатата власт. Но откако ги добиле понудите на тендерите, увиделе дека сумите се многу пониски.

Така, цената за еден километар за велосипедисти на булеварите „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и „Климент Охридски“ лани биле плаќани од 130.000 до 180.000 евра. За разлика од тоа, годинава за километар на шесте изградени патеки на булеварите „Борис Трајковски“ и „Крсте Петков Мисирков“, како и на улицата „11 Октомври“ се платиле од 26.000 до 48.000 евра. Поскапа била само патеката на булеварот „Босна и Херцеговина“ која чинела 105.000 евра.

„Просечната цена на еден километар велосипедска патека во 2017 година изнесувала 164.000 евра, додека годинава сме платиле во просек по 45.000 евра. Од една страна заштедата е огромна, а од друга страна ни остава простор идните проекти да ги планираме со разумни цени“, посочи Шилегов.

Тој информира дека градската власт преплатувала и за обезбедувањето на средните училишта. Минатата година компанијата СГС за оваа намена добила 11,8 милиони денари, а годинава договорот со „Никоб“ е тежок 6,5 милиони денари. Над 21 отсто поевтино чинел и километар реконструкција на асфалтот на Партизанска. Делот од „Рузвелтова“ до „8 Септември“ лани бил платен по 13 милиони денари за километар, а годинава, делниците од мостот „Обединети Нации“ до „Влајко“ и од „Влајко“ до улицата „Ацо Шопов“ ќе се плаќаат по 10, односно 11 милиони денари за еден километар.

Сања Наумовска