НАСА слави: „Инсајт“ ги испрати првите фотографии од Марс


Сондата на американската вселенска агенција НАСА синоќа слета на Марс по седумминутно спуштање на површината на Црвената планета. Потврдата за слетувањето на сондата „Инсајт“ стигна преку радиосигнали на кои им требаа над 8 минути да стигнат до Земјата. Сондата пред слетувањето помина пат од 428 милиони километри, за што ѝ требаа околу шест месеци.

„Многу сум среќен што имавме неверојатно безбедна и здодевна локација за слетување. Тоа е токму она што го баравме“, изјави менаџерот на проектот Том Хофман.

Значително поквалитетни фотографии дојдоа во наредните часови, а многу нови се очекуваат во претстојните денови.

По шест месеци лет, „Инсајт“ вчеравечер се спушти на површината на Марс, откако за период од седум минути ја намали брзината од 19.800 километри на час на нула. Почнувајќи со „Вајкинг“ во 1976 година, тоа беше осмото успешно спуштање на НАСА на Марс.

Една милијарда долари вреден меѓународен проект, „Инсајт“ содржи германски механички копач, кој ќе продре пет метри под површината на Марс за да ја мери неговата топлина, како и француски сеизмометар, кој ќе открива „марсотреси“, доколку тие постојат таму.

Тежок 360 килограми, тој ќе оперира од едно место во наредните две години, што е рамно на една година на Марс, бидејќи таму еден ден трае 24 часа и 39,5 минути. Ќе бидат потребни месеци за да се стават во функција сите инструменти, па затоа прва серија конкретни податоци треба да се добие дури на пролет.

„Во наредните месеци, па и години, историските книги ќе бидат дополнети со податоци за внатрешноста на Марс“, изјави директорот на контролниот центар Мајкл Воткинс.