Народна банка: За стабилноста на денарот нема потреба од дебата


Народната банка тврди дека домашната валута и домашниот банкарски систем се исклучително здрави и отпорни. Ова е одговор на предупредувањето на Штефан Петер, претседател на УО на ЕВН и на Советот на странски инвеститори во Македонија, дека во случај на негативен исход на претстојниот референдум можна е и дестабилизација на националната валута.

„Стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. Не постојат причини, ниту пак каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи коишто би можеле да создаваат притисок врз домашната валута, ниту пак има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво. Од голема важност е тоа што оваа година екстерната позиција на економијата е исклучително поволна и силна, а Народната банка интервенира со висок нето-откуп на девизи, што дополнително ги зајакнува девизните резерви кои на континуирана основа се одржуваат на високо ниво и создава простор да се реагира на евентуални притисоци и да се одржува силен капацитет за одржување на стабилноста на домашната валута“, соопшти Народна банка.

Според Штефан Петер, Македонија, доколку не успее референдумот, ќе се соочи со можност за дестабилизација на денарот и притисок врз банкарскиот сектор, со губење милијарда евра финансиска помош од Европската Унија, како и со намалување на странските директни инвестиции. Непродолжувањето на патот кон Унијата ќе ги намали увозот и извозот, компаниите ќе ја изгубат конкурентноста, а младите квалификувани кадри помасовно ќе се иселуваат од државата.

И премиерот Зоран Заев, вчера посочи дека преку успешен референдум ги постигнуваме стратегиските цели на Македонија, но дека неуспешниот референдум не значи девалвација на денарот.

„Стабилен е денарот, банките и Народната банка се финансиски моќни. Финансискиот капацитет на државата е зајакнат, па можеме да објавиме мерки 2,2 милијарди социјална помош, да разговараме за подигнување на платите во здравството, стабилен е и буџетот, економијата расте, странските инвестиции растат, можеме само да го зајакнуваме денарот“, дециден беше Заев, според кого успешниот референдум ќе значи уште поголем раст кој граѓаните практично ќе го почувствуваат.