Награда за Биг-бендот на Здружението на џез-музичарите и слободните уметници


Биг-бендот на Здружението на џез-музичарите и слободните уметници ја доби годинашната награда „Георги Божиков“ на Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ за најуспешна изведба на македонско дело во 2017 година.

Оваа награда СОКОМ им ја доделува на музички уметници и ансамбли кои имале најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година.

Здружението на џез-музичарите и слободните уметници од Македонија е награден за концертот одржан на 1 април 2017 година во рамки на Деновите на македонската музика, под диригентство на Емин Џијан. Програмата на тој концерт донесе своевидна ретроспектива на развојот на македонскиот џез – од неговиот основоположник Драган Ѓаконоски-Шпато до најновите дела на актуелните македонски творци во оваа сфера.

– Овој концерт, еден од првите целовечерни проекти по основањето на овој ансамбл, кој жестоко недостасуваше на македонската музичка сцена последниве години по замирањето на Биг-бендот на МРТВ, видливо ја возбуди публиката и кај неа разбуди искрени емоции и радост со својата креација, енергичноста, вообличениот звук, инспиративните и немонотони импровизации, со својот стремеж кон компактно колективно музицирање, притоа задржувајќи ја поединечната индивидуалност. Воедно, ја разбуди и надежта дека и одржуваањето на континуитетот во творештвото за овој вид ансамбл не е невозможна мисија, соопшти СОКОМ.

Наградата на ансамблот ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41. Денови на македонска музика в четврток, 22 март, од 20 часот, пред концертот на Македонската филхармонија.