М-НАВ одлучува дали ќе им дава 13. плата на пензионерите


Менаџментот на М-НАВ брза пред распишување на изборите да направи измени на колективниот договор, со кои платите на контролорите на летање ќе скокнат за нешто помалку од 20 проценти. Колку точно, уште нема дефинирано, зашто и синдикатите во М-НАВ сакаат да го искористат теснецот со време, па фрчат разни условувања, зашто знаат дека договарањето мора да заврши до петок, денот за распишување на изборите. Оти Изборниот законик нормира дека потоа не смее да се потпишува акт за плата.

„Ова ќе биде четврто или петто зголемување на плати што го прави менаџментот што пред година и пол дојде на позиција. И многу пати беше променета систематизацијата на работни места, за да се примаат некадарни кадри. Раководството своето неумеење го покрива со зголемување на платите, но не на сите контролори подеднакво, туку најмногу на и претходно најплатените“, коментира вработен од М-НАВ.

Вработени објаснуваат дека М-НАВ не знае како да ги потроши парите што ги добива од прелетите, иако уредите и опремата на кои работат контролорите на летање се стари со децении. Еуроконтрол, европската агенција за безбедност на воздушната пловидба, која ги утврдува парите за прелетите, за казна, бидејќи не ги трошат наменски, изминативе неколку години им ги крати за по некој процент. Така, годинава М-НАВ ќе има буџет покус од лани за 12 проценти.

„Наместо да ги наменат парите за модернизација на системот, и овој менаџмент со кредит ќе купува опрема, а не знаејќи како да го потроши буџетот, ќе зголемува плати“, објаснува нашиот извор.

И бидејќи парите на кои треба да им се најде чаре се многу, во предлог-измените на колективниот договор што управниот одбор ги доставил до трите синдикати, се бараат зголемувања на плати по основ на функциски, додаток по овластување, проектен додаток. Се предвидува дека оној што ќе стане магистер на науки основната плата му се зголемува за 5 проценти. Се предвидува и платено отсуство заради болест, така што вработен во М-НАВ ќе може да користи еден ден платено отсуство без белешка од доктор, само ако на мејл го извести непосредниот раководител. Во текот на годината, по овој основ, може да се искористат 4 работни дена. Менаџментот предлага кога ќе одат на службен пат со полупансион, работниците да добиваат уште 30 отсто од износот на дневницата, за да можат, како што стои во предлог-измените, да си покријат уште еден оброк.

УО оставил можност да продискутира со синдикатите на кој начин ќе се исплатува 13. плата и дали таа ќе се исплатува на нивните пензионери. Како тоа ќе се изведе, сè уште не е прецизирано, ама така пишува во предлог-измените на колективниот договор.

Менаџментот, во предлогот, не го заборавил и делот на уплати во доброволниот трет пензиски столб, па предвидел на секој работник месечно да му се уплатува износ од 5 проценти од неговата бруто-плата за дополнителното пензиско осигурување.                  Факсимил од предлогот на менаџментот за промена на Колективниот договор

Од М-НАВ официјално велат дека како дел од тековните обврски на управниот одбор се и преговорите со репрезентативните синдикати со цел продолжување на важноста на колективниот договор.

„Преговорите за колективниот договор се започнати одамна и тие се во тек заради изнаоѓање на заеднички договор. Впрочем, тоа е суштината на колективниот договор“, одговорија од М-НАВ.

Став на директорот Николче Тасески е дека се преговара за нивелирање на платите подеднакво за сите вработени согласно финансиското работење на друштвото а согласно зголемувањето на сообраќајот за 13 проценти во 2018 година. Колкава ќе биде најниската а колкава највисоката плата во М-НАВ, директорот не кажува.

„Во однос на платата на вработените во М-НАВ АД, ве известуваме дека истата е од доверлив карактер и не е достапна за јавноста“, ни изјавија од М-НАВ.

Но, М-НАВ е АД во државна сопственост. А државата, барем по промената на власта, се придвижи кон транспарентност. „Независен весник“ доби неофицијална информација дека распонот на плати ќе биде од 24.000 до 240.000 денари.

                                           Претседателот на УО на М-НАВ Николче Тасески

Годинава 12 проценти помалку пари од Еуроконтрол

Еуроконтрол, европската организација за безбедност на авиосообраќајот, од 2015 секоја година ја намалува единечната цена на прелети за Македонија, врз основа на која се префрлаат пари во М-НАВ. Годинава, споредено со лани, оваа цена е пониска за 12 проценти.

„Во 2017 имаше зголемување на сообраќајот за приближно 11 отсто во однос на планираното за истата година. Разликата помеѓу остварените приходи и расходи, согласно принципите на Еуроконтрол и примената на одредбата од механизмот за приспособување, е вклучена во соодветна трошковна основа за пресметување на единечната цена за прелети во 2019 година“, објаснија од М-НАВ зошто се намалила цената на прелетите.

Поедноставено, ова значи дека М-НАВ не успеал наменски да ги потроши добиените пари.

Анита Салтировска