Мултимедијален концерт на Дарија Андовска и Ана Пандевска


Мултимедијален концерт на кој ќе бидат изведени дела од двете истакнати македонски композиторки Дарија Андовска и Ана Пандевска. Настанот ќе се одржи во камерната сала на Македонската филхармонија во петок во 20 часот.

Покрај звукот, концертот ќе биде збогатен и со видео проекција, како и со танцов перформанс, а повеќето од делата се создадени за акустични инструменти и лента.

Публиката ќе има можност да ги слушне делата на Дарија Андовска: „ThERanatOS – part 4 – Operating System“ за фиксен медиум и видео (видеото го изработи Мартин Иванов), „Zugzwang“ за виолина, пијано, удиралки и фиксен медиум, „Book of the Devil Valley Master“ за соло удиралки и фиксен медиум и „Apoptosis – a brief history of small deaths“ за фиксен медиум и танцов перформанс, на кој ќе учествуваат студенти од Катедрата за современ танц при ФМУ во кореографија на Елена Антонова Петровиќ.

Во изведбата на композициите на Андовска ќе учествуваат Влатко Нушев на удиралки, Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на пијано.

Ќе бидат изведени и три дела на Ана Пандевска: „Дуња и Дарин“ – пет пиеси за пијано и лента, „Landscape Atmosphere“ за пијано и лента и „Life in a Box“ – за пијано и лента, во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова.