МСУ ќе отвори изложба на дела од грчката колекција


Музејот на современата уметност денеска напладне ќе отвори изложба од неговата грчка колекција во која се 47 уметнички дела од 34 уметници од Грција.

Од МСУ соопштија дека и покрај културната разделеност помеѓу Република Македонија и Република Грција, како последица на политичката, имало мигови на индивидуални или институционални форми на поврзување што ги доближувале уметниците на двете земји.

Во контактите значајно место имала донацијата на уметнички дела од повеќе грчки уметници, по што следувале самостојни и групни изложби организирани во изминатите пет децении во Атина, Солун и Скопје.

– Изложбата на грчката колекција во Музејот на современата уметност од една страна го илустрира овој парадокс, а од друга страна го истакнува уште еднаш неограничениот потенцијал на уметноста да гради културни мостови, наведува МСУ.

Еден дел од донациите се од 1965 година, односно од периодот на формирањето на Музејот на современата уметност (графичките отпечатоци на Васо Катракис и сликата на Емануел Пиладакис), а главнината од грчката колекција се формирала во 1970-тите години со масовниот одѕив на голем дел од уметниците што ќе бидат претставени на оваа изложба.

Во таа деценија клучна улога имала донацијата и влијанието на Јанис Гаитис, голем пријател на Музејот на современата уметност и еден од најзначајните уметници во повоената уметност во Грција.

Покрај донираните пет графики, еден објект и една објект-слика, Гаитис имал значајна улога во поттикнувањето на грчките уметници да му донираат дела на градот  разурнат од земјотресот во 1963 година.