МСУ договара соработка со солунските музеи
Музејот на современа уметност-Скопје и Државниот музеј на современа уметност во Солун се заинтересирани оваа година да остварат соработка во размена на современата уметничка сцена и гостувачки изложби инспирирани од колекциите што ги поседуваат.
Тоа бил заклучок на директорките на двете институции, Мира Гаќина и Марија Цацаноглу, за време на неколкудневната работна посета на кураторскиот тим на МСУ на неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун.
Како што информира МСУ, директорката Цацаноглу истакнала дека музеите може да соработуваат и на планот на заеднички настап при конкурирање пред фондови во ЕУ и други меѓународни структури. Двата музеја се фокусирани кон современото уметничко визуелно творештво и имаат автентични и оригинални колекции кои покриваат важни периоди од светската уметност на 20 век.
Утврдиле и дека постои можност за директна соработка во научно-истражувачката област меѓу МСУ и Центарот за современи уметности кој, заедно со Музејот на фотографија, е во склоп на солунскиот Државен музеј. Договорено било конкретната соработка да биде предмет на претстојниот работен состанок во Скопје. Во Музејот на фотографија, пак, директорот Херкулес Папајоану навел конкретни предлози за размена, истражување и заедничко излагање, учество на млади уметници на Солунскиот фестивал, размена на информации за рецентната продукција во областа на уметничката фотографија…
Тимот на МСУ имал работна средба и во Македонскиот музеј на современа уметност во Солун, чие основање е инспирирано од музејот во Скопје – со солидарен пристап по земјотресот во Солун во 1976 година. Според директорката Тули Мисироглу, тоа е добра подлога за развивање вистинска и плодна соработка.
Тимот на МСУ бил примен и од заменикот-градоначалник на Солун Ели Крисиду одговорна за културата и уметноста во градот.
– Крисиду во исклучително пријатен амбиент најави секаква помош за идејата за соработка на уметничката сцена од двете средини. Нагласено беше дека и градоначалникот Бутарис во развојот на современата визуелна уметност препознава важен приоритет за солунската администрација и општествениот живот во овој град, како и дека таквата ориентација ќе биде поддржана, стои во соопштението на Музејот на современата уметност.