МОСТ: Гласањето без проблеми, регистрирани неколку технички предизвици


Граѓанската асоцијација МОСТ денеска соопшти дека одѕивот на гласачите до 13 часот на референдумот е 16 отсто, со маргина на грешка од +/- 0,32 отсто.

МОСТ наведува дека од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ добиени и потврдени се неколку информации за неколку за технички проблеми.

– На гласачкото место (ГМ) 1238 во општина Демир Капија, на гласач му било дозволено да гласа без да биде проверен во Избирачкиот список. Повикана е ОИК, по што е направен записник во кој е костатирано дека ќе има повеќе ливчиња од потписи во списокот, наведува МОСТ.

Натаму, на гласачкото место 1204 во с. Пуста Река, општина Крушево, на осум гласачи им било дозволено да гласаат без да се потпишат во Избирачкиот список. Грешката е увидена од страна на ИО, направен е записник за случајот, повикана е ОИК, а гласањето продолжило, посочува МОСТ.

– На гласачкото место 2934/1, општина Чаир, осум гласачи не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список, иако тврделе дека се регистрирани во електронската форма на ИС, додека на ГМ 2680, општина Аеродром, тројца гласачи не можеле да се пронајдат во ниту во изводот од Избирачкиот список, ниту на веб-страницата, истакнува МОСТ.

Граѓанската асоцијација посочува дека на гласачкото место 2232 во с.Голозинци, општина Чашка, ИО не удрил печат на четири гласачки ливчиња. ОИК дала инструкција случајот да се внесе во записник.

– На гласачкото место 0404 во с. Чајле, општина Гостивар, избирачкиот одбор (ИО) откинал 33 ливчиња од кочанот заедно со серискиот број. Направен бил записник за случајот, додава Граѓанската асоцијација МОСТ.