Молк


ЛЕЈЛА САБИТ

Некогаш раскажува илјада збора, а некогаш ќутењето е злато.

Некој не може да заќути, а некому со клешти мора да му вадите зборови.

Некогаш тишината е непријатна, а некогаш ви е доста од пријатни муабети.

Некогаш, што и да кажете, џабе е , и да молчите, лошо ќе направите.

Предизборен или животен, треба да знаете кога е време за молк, а кога е време да се премине од зборови на дела, кога е време за „за“, а не за „против“, кога е време да реагирате, а не да помислите баш ми е гајле, кога е време да одите напред, а не назад.

Молкот и во политиката и во животот некогаш мора да се почитува, а не да се крши, ама тоа доаѓа со годините и искуството, а не со изгледот и бунтовноста.

Молкот, како и озборувањето, е меч со две острици и за паметните и за сеирџиите.

Кога сте млади, го избегнувате – во зрели години, го барате.

Во младоста го толкувате како здодевност, во староста открива различни вистини.

Во младоста не ви значи ништо, на зрели години почнувате да го сфаќате неговото значење.

Сè во свое време, тука или во Европа, без разлика дали сте на позиција или опозиција, дали имате или немате, дали сакате или мразите, дали имате многу пријатели или непријатели.

Не за џабе рекле „младост – лудост, старост – мудрост“. И во политиката и во животот.

Кога сте млади, сакате да го освоите светот.

Искуството, пак, ви открива дека до патот до успехот ве демнат многу непознати, ви стојат пречки, понекоја дупка, завист и љубомора.

Во младоста ги избирате пријатели, сакате друштво, танцувате доцна во ноќта, пиете и јадете колку сакате без да ви се познава на линијата.

Во староста откривате кои ви се вистински пријатели, повеќе сакате самотија од друштво, сакате порано да си легнете, не пиете и внимавајте што јадете.

Молкот ви станува сојузник наспроти вревата, дури и музиката ви смета додека се враќате од работа.

Денот го завршувате тој и таа, со книга или со некој филм, а налето избирате осамена плажа.

Животот е непредвидлив, компромисот е клучниот збор.

Малку друштво, малку тишина, понекоја чаша квалитетно вино или турско кафе.

Секој заслужил да ужива како што сака.

Да продолжам или да молчам?

Сепак,најдобро е кога имате што да кажете, да не молчите, а кога немате што да кажете, најдобро е да замолчите.