Модерна трагедија


 

Марија Павлеска

Иако повеќето луѓе мислат дека најдобар период за тетовирање се пролетните и летни месеци, тие не се во право. Најчесто за најпогодни се препорачуваат сезоните есен и зима кога кожата не е толку изложена на сонце и друг вид дразби.

Еве го читам условот за препорака за ЕУ. Таму убаво си пишува дека правосудните реформи ќе се сметаат за успешни кога грото од јавните обвинители ќе го комплетираат процесот на тетовирање. Ќе се формира и работна група која ќе одлучува дали ќе биде потребен и пирсинг.

Ние дефинитивно имаме среќа. Откако се потпиша договорот да станеме „Северна“, кај нас климата се промени, па температурите драстично се намалија. Па, така ова лето стана речиси есен.

На Инстаграм, па потоа и на останатите социјални мрежи и на медиумите масовно се споделуваше првата реформска тетоважа. Меѓутоа, како што една птица не прави пролет, така една тетоважа судство не реформира. Па, колку и да била таа специјална.

Шега на страна, „темелни реформи во судството и во обвинителството и обезбедување независен судски систем и правда за сите“ на 2 април лани 2017 година најавуваше Петре Шилегов на прес-конференција. Денес, една година подоцна, градоначалникот на Скопје е зафатен со запленување лубеници. На 26 јуни, завчера, беа запленети дури 10 тони лубеници од три локации низ Скопје.

Во 2016 година пензионерот Милорад беше казнет со глоба од 150 евра продавајќи 15 коприви и 20 марули за да преживее. Ова запленување стока треба да се практикува ако сакаме да станеме правна држава. Меѓутоа, ако најпрво сме ги средиле големите криминални ѕверки (реформа 2 ) и сме обезбедиле услови за нормален живот на обичното население кое сѐ што сака е да го прехрани семејството. А, што ќе правите со тие 10 тони овошје и зеленчук? Ќе ги носите на „Дрисла“ да скапат или ќе ги поделите на социјално загрозени семејства? Или на тоа не се сетивте да размислите?

А какви семејства мислите дека се оние од кои ја запленивте храната? Со стан во Скопје, викендичка во Охрид и онолку автомобили колку што има членови семејството? Па не е баш така. Мислите дека е лесно да се живее во приколка од камион на претходно пеколни горештини, а денес секојдневни монсунски дождови и студ додека не се продаде бербата? Берба која претходно тие луѓе сами ја саделе, растеле и собрале.

Проблемот со нехигиената и нередот во градот е резултат на вашата неажурност и незнаење. Вашата целосна неподготвеност за менаџирање на град. Прашајте кого сакате и ќе ви каже дека на Скопје му требаат јавни вециња. Во парк луѓе одат и кога нема концерти, колку за информација. Се сеќавате дека неодамна доајен актер од МНТ сподели како контејнерите со сценографијата од една претстава, позиционирани пред театарот, биле користени како вц параван од тамошните минувачи? А за нехигиена нека зборуваат откако ќе се видат во огледало овие што кога реновираат стан цела зграда е во хаос. Што стариот мебел ги окупира ходниците со месеци и што скалите и лифтовите се полни гипс и струготини. Или да си позборуваме за руините од станови кои тие истите им ги издаваат на студенти и луѓе од другите градови кои дошле да работат во Скопје. По супер солени цени. Или и за ова треба да се молчи?

***

Што се случи со тие „ многу се трудат, а не знаат, но се трудат и да научат. Има еден дел кои ниту знаат ниту се трудат“ (изјава на премиерот Заев 24.2.2018). За да правите реформи, треба да имате луѓе што ќе знаат да си ја работат работата. Вредно и посветено, ама најпрво со знаење и искуство. Доста со тоа некој да се вежба на нас. А вие да го дозволувате тоа само затоа што имате перцепција дека (ви) се послушни.

***

Во тек е конкурсот за вториот „Нов културен бран“. На веб-страницата на Министерството за култура, линкот со апликацијата на македонски јазик е кликната околу 600 пати, а линкот на албански малку повеќе од двојно, или 1.300 пати. Минатата година на оваа манифестација аплицираа вкупно 348 (190 во прв и 158 во втор циклус) здруженија, уметници и граѓански организации, од кои 82 беа јавно поддржани со средства од буџетот на Министерството за култура (52 во прв круг и 30 во вториот круг од конкурсот). Шест апликации поддржани со средства доделени од Фондацијата „Фридрих Еберт“ беа објавувани дополнително во деновите пред случување на настанот.

Од вкупниот број од 348 апликации, 260 беа одбиени. Во писмениот одговор, испратен после шест месеци од аплицирањето и затворањето на конкурсот, Министерството на апликантите како образложение ги информира дека комисијата добила голем број квалитетни предлог-проекти, но за жал средствата биле ограничени. Никаде не стојат појаснети критериумите ниту е наведен податок кој упатува дека нивната апликација воопшто и била разгледана.

Денес има измени во раководењето на министерството, меѓутоа сѐ уште не се најде време да се разјаснат ниту неправилностите кои се направија со Годишната програма. Што се случи со распределбата на оние средства кои им беа доделени на апликанти кои ги повлекоа своите проекти од програмата?

Во Чехословачка за време на новиот бран, Вера Хитилова не можела во својот филм да го употреби зборот „мислам“.

Мислам дека… – рекол многу бавно актерот, а комисијата заклучила дека нема право толку значително да мисли нешто бидејќи тоа може да се интерпретира на различни начини“ (Готленд, 2006).

Јас од идните наши (културни) комисии, би посакала најпрво да земат да ги отворат и прочитаат апликациите и на имиња на уметници/апликанти со кои не се познаваат. Па, и со оние со кои се познаваат, ама не се согласуваат (во превод: имаат различни ставови и мислења).

Маларме (како што А. Бајду ја завршува „Расподија за театарот“) на ова би додал: „Мислете на тоа“. Всушност – мислете.