Моден тренд во Скопје: Ме гледаш, не те гледам


Сега не се во тренд фраерски темни очила туку очила слични на скијашките. Ги видовме во  публиката на 18.Моден викенд-Скопје што заврши синоќа по четири дена дружење во хотелот „Мериот“. Ги носеа момци, а не девојки. Модно освестени, зашто им е ќеф или да предизвикаат внимание. Не ги пробавме за да видиме како се гледа со нив. Вака изгледа: Ме гледаш, не те гледам.

Очилата одамна се носат од помодарство, за интелектуален изглед, на улица, на плажа, во затворен простор, жените кога не се нашминкани, некои подобро да ги видат нештата, а некои да не ги препознаат во јавност.

Цената не дели на ваши и наши, на власт и опозиција, на граѓани и славни личности, на шофери и телохранители. Зависи дали се оригинал или фалсификат, купени во продавница, на пазар или во фри-шоп. Дали се носат на приватен настан или на службена должност.

Живееме во црно-бел свет. Понекогаш ни требаат розови очила за да го разбереме светот и луѓето околу нас. Некој цел живот гледа, а не може ништо да види. Некој цел живот е тврдоглав и никогаш не прогледува. За некој кој ги негира работите велат дека е слеп при очи а некому цел живот му прогледуваат низ прсти.

Денес технологијата прави чуда. За пет минути со ласерска операција можеш да гледаш без очила, или селфи фотографија да те направи планетарно познат заради очилата.

Не е се во очилата, ќе каже реалистот.Има нешто и во очите. Тие не лажат, нели?

Лејла Сабит    Фото: Борис Грданоски